Коментирајќи ја изјавата на премиерот, од партијата велат дека теми од ваква важност бараат сериозен пристап и јасни одговори, а не обид за релативизирање преку иронија
Граѓаните заслужуваат одговори, јавната дебата мора да се води со факти, а не со досетки. Ова е реакцијата на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена во врска со набавката на електрична енергија, а во која ја обвинува партијата дека не го владее добро секторот енергетика.

„Во однос на изјавата на премиерот сметаме дека теми од ваква важност бараат сериозен пристап и јасни одговори, а не обид за релативизирање преку иронија“,
се вели во партиската реакција.
ДУИ, како што велат оттаму, останува доследна на својот пристап – аргументирана дебата заснована на факти, особено кога станува збор за прашања што директно влијаат врз економијата и стандардот на граѓаните.
„Фактите се јасни. Од 1 јануари 2026, според достапните податоци, се реализирани набавки на електрична енергија во вредност од околу 25 милиони евра. Станува збор за набавка на базна енергија од 140 мегават-часови, што значи купување и во ноќните часови, кога побарувачката е намалена. Притоа, неспорно е дека количините на увоз ја надминуваат продажбата“,
пишуваат од ДУИ.
Според партијата, ова не е прашање на политичка интерпретација, туку е прашање на бројки, економска логика и одговорно управување со државните ресурси.
„Доколку Владата смета дека оваа политика е оправдана, тогаш треба тоа јасно да го образложи пред јавноста, со аргументи и факти. Ние не бегаме од бројки, оти, напротив, токму тие покажуваат дека јавноста има право да бара објаснување. Ќе продолжиме да настапуваме со конкретни предлози и конструктивен пристап, со единствена цел – заштита на интересите на граѓаните и обезбедување стабилен и одржлив енергетски систем“,
се вели во партиското соопштение.
Откако денеска од ДУИ соопштија дека почетокот на 2026 година, ЕСМ со цел да ги покрие потребите на домаќинствата и малите потрошувачи била принудена да набавува електрична енергија во најмалку два наврати при што се потрошени 24 385 872 евра за увоз на електрична енергија, премиерот Мицкоски рече дека е добро што партијата излегла од ретро политиките на политичарите од пред неколку децении и почнала да се интересира за реалните теми што ги интересираат граѓаните.
Сепак, како што додаде, тоа што го кажуваат од ДУИ е спротивно на вистината бидејќи „не ја владеат материјата“.
„Добро што излегоа од оние пранги на национализам, етнополитика, на фолклор и што конечно ги интересираат реалните проблеми на граѓаните. Но, лошо е што не ја владеат материјата“,
кажа премиерот.
Мицкоски појасни дека енергетскиот пазар е динамичен и дека во моменти кога цената на берзите е нула или во минус, логично е да се презема таа енергија наместо да се трошат домашните акумулации.
„ЕСМ во текот на ноќните часови извезува односно продава на берзите околу 850 мегават-часови, што дневно на компанијата ѝ носи додадена вредност меѓу 100 и 150 илјади евра. Инаку, да, постојат периоди од годината кога се увезува струја, постојат периоди кога ќе се извезува“,
кажа тој.
Тој додаде дека има дневна комуникација со раководството на ЕСМ и оти зделките што ги правеле СДСМ и ДУИ се веќе во минатото.
Од ДУИ денеска преку соопштение рекоа дека во јануари се набавени 104 160 мегават-часови по цена од 119, 50 евра за мегават-час или вкупно 12 447 120 евра. Во февруари, пак, биле 94 080 мегават-часови по цена од 126,90 евра за мегават-час или вкупно 11 938 752 евра.
Овие бројки, велат од ДУИ, јасно покажуваат дека ЕСМ нема доволен производствен капацитет за да ги покрие потребите на регулираниот пазар, што директно води кон зголемен притисок врз цената на електричната енергија за граѓаните.
