Истата одредба ќе се применува и на парламентарните избори со тоа што на нив ќе можат да гласаат граѓаните на кои по која било основа, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи до 8 август 2023 година до денот на изборите на 8 мај годинава
Граѓаните утре на претседателските избори ќе можат да гласаат со лична карта или патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите, односно од 24 јули 2023 до 24 април 2024 година. Оваа одредба од Изборниот законик е составен дел на упатството на Државната изборна комисија (ДИК) за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите.
Од измените на Изборниот законик оваа одредба е преодна и ќе се применува само за изборите оваа година. Според неа, граѓаните ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија важност истекла во периодот од девет месеци до одржување на изборите.

Истата одредба ќе се применува и на парламентарните избори со тоа што на нив ќе можат да гласаат граѓаните на кои по која било основа, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи од 8 август 2023 година до денот на изборите на 8 мај годинава.
Собранието на 7 март во рамки на 147. седница по скратена постапка без расправа ги изгласа измените и дополнувањата на Изборниот законик.
Како што појаснија предлагачите, целта на овие измени беше да се допрецизира постојната правна рамка и да се доуредат одредбите од постојното законско решение во насока на инклузивен изборен процес за сите учесници на изборите.
Инаку, граѓаните ќе можат да ги подигнат готовите лични документи и в среда, на 24 април, на денот на одржувањето на првиот круг од претседателските избори.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека скопјани ќе можат личните карти да ги подигнат и во полициските станици.