Македонија има потреба од реформа на изборниот модел во една изборна единица наместо актуелните шест. Ова го покажа последното истражување на јавното мислење на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС). Анкетата е спроведена од агенцијата „М-проспект“, на терен, на репрезентативен примерок од 1.000 полнолетни испитаници.
Речиси половина (46,6 %) се за една изборна единица, додека 29, 4 проценти сепак сметаат дека нема потреба од ваква реформа.

Најголем број од анкетираните граѓани сметаат дека во земјава има потреба од реформи и со отворени листи. Ваквата промена ја поддржуваат 45,5,%, додека 31,1% се против.

За тоа дали во Македонија има потреба од реформи со воведување мнозински наместо сегашниот пропорционален систем, мислењата се поделени. Иако доминира процентот на испитаници што се согласуваат со потребата од ваква реформа (37,2%), сепак речиси третина од испитаниците одговориле дека не го знаат одговорот на ова прашање (32,2%).
Сличен е и процентот на испитаници што не се согласуваат со потребата од ваква реформа, односно 29,6% од испитаниците одговориле дека според нив нема потреба од воведување мнозински систем.

Неодамна неколку помали политички партии, кои беа поддржани од претседателот Стево Пендаровски, ја отворија дебата за промена на изборниот модел со прецизно барање – Македонија да биде една изборна единица. Но нема политички консензус за ова прашање.