За кандидат за градоначалник да биде избран во првиот круг, тој мора да добие мнозинство гласови од гласачите кои гласале, но само доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список за соодветната општина

Во Република Северна Македонија денеска се одржуваат осмите локални избори, четврти по ред на кои граѓаните избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Гласањето започна во 7 часот, а избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот.
На овие избори, право на глас имаат 1 832 415 избирачи кои се запишани во Избирачкиот список и гласаат на вкупно 3 474 избирачки места.
Граѓаните избираат меѓу 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети, со што вкупниот број на кандидати изнесува 10 490.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалник има во Град Скопје каде што се пријавени вкупно 16.
Изборниот процес го следат 1 451 набљудувач, од кои 807 домашни и 644 меѓународни.
Гласањето се одвива со лична карта или пасош, при што задолжително има и биометриска идентификација на гласачите. Граѓаните гласаат зад паравани со сино хемиско пенкало, а гласањето е тајно. Строго е забрането групно или семејно гласање, како и носење оружје на избирачките места.
Гласањето завршува во 19 часот. Но, тоа може да биде продолжено доколку на местото каде што се гласа во 19 часот се уште има избирачи и на нив ќе им биде овозможено да гласаат. Гласањето може да биде продолжено и доколку во текот на денот настанал прекин на гласањето по одлука на Општинската или Државната изборна комисија, гласањето ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот. Ова продолжување не може да биде подолго од три часа.
Гласачкото место може да се затвори и пред 19 часот, но само доколку гласале сите граѓани запишани во изводот од Избирачкиот список, и тоа со претходна согласност од надлежната ОИК. Броењето на гласовите не смее да започне пред 19 часот, дури и ако местото е затворено порано.
Во Скопје, гласачите добиваат четири ливчиња – по едно за градоначалник и совет на општината каде што живеат, и по едно за градоначалник и совет на Градот Скопје.
Првичните резултати од изборите се очекуваат околу полноќ.
За кандидат за градоначалник да биде избран во првиот круг, тој мора да добие мнозинство гласови од гласачите кои гласале, но само доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка.
Доколку никој не го добие потребното мнозинство во првиот круг, двајцата кандидати со најмногу гласови одат во втор круг, кој се одржува за 14 дена, односно на 2 ноември. Во вториот круг, победува кандидатот со поголем број гласови.
Доколку и во вториот круг не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија ја известува Владата во рок од 15 дена.
Членовите на советот се избираат во првиот круг, преку пропорционалниот модел и примена на Д’Хондтовата формула.
Вчера гласаа болните или немоќни лица, лицата што се на издржување казна затвор или се во притвор и лицата што се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Државната изборна комисија (ДИК) информираше дека од вкупно 8 856 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на овие локални избори, до 20:30 часот гласале 7 935 гласачи.
Инаку, во Градот Скопје вкупната бројка на гласачи е 474 304 илјади. Од општините најмногу граѓани со право на глас има во Куманово – 94 041, во Гостивар 82 893, Тетово 87 878, Битола 77 253, скопски Аеродром 68 772, Струга 62 711 и Прилеп со 62 053 гласачи. Најмалку, пак, има во Лозово 1 905, во Вевчани 2 092, Новаци 2 429, во Конче 2 716 и во Ранковце 2 921 гласач.
Најстариот гласач во земјава запишан во Избирачкиот список е роден 15 мај 1918 година, додека најмладиот кој ќе има можност да гласа ќе стане полнолетен на самиот ден на гласање на 19 октомври.