Од Министерството посочуваат дека пратките кои граѓаните ги порачуваат онлајн и досега имаат пресметан ДДВ во цената на производот, а дека таа практика продолжува и по измените на законот, односно дека ДДВ ќе остане вкалкулиран во цената на производот
Граѓаните нема да плаќаат дополнително при прием на пратка нарачана од онлајн платформи, вклучително и од платформата „Тему“ – информираат од Министерството за финансии, наведувајќи дека усвоените измени на Законот за ДДВ не наметнуваат дополнителни трошоци за граѓаните при онлајн пазарење.

„Пратките кои граѓаните ги порачуваат од ‘Тему’ и досега имаа пресметан ДДВ во цената на производот. Истата практика продолжува и по измените на законот – ДДВ ќе остане вкалкулиран во цената на производот, како и досега. Тоа значи дека граѓаните нема да плаќаат ништо дополнително при прием на пратката, ниту ќе има нова обврска за уплата. Со законските измени не се менува начинот на прием и царинење на пратките“,
велат од Министерството за финансии.
Додаваат дека ДДВ кое е веќе пресметано во цената кон државата го уплаќа овластениот шпедитер или поштенскиот оператор со кој платформата има договор.
Собранието пред два дена ги усвои измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра. Целта на законските измени, како што посочуваат од Финансии, е јакнење на домашната економија и поддршка на локалните компании, како и спречување злоупотреби при увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
