Доколку граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност, уште истиот ден тоа ќе го направам, вели премиерот Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека граѓаните на локалните избори ќе кажат дали тој има политичка одговорност за пожарот во „Пулс“ во Кочани.
Изјавата на Мицкоски доаѓа по новинарско прашање денеска на манифестација во Општина Аеродром, за негов став околу поднесеното обвинение и барањата на СДСМ и за негова политичка одговорност.
„Цело време се трудам да не коментирам, работата е на Обвинителството. Генерално, станува збор за политички пораки коишто доаѓаат од опозицијата. Одговорноста ќе ја видиме за три и пол-четири месеци од денеска, на локалните избори, што мислат граѓаните. Тоа што мисли СДСМ е една работа, а тоа што мислат граѓаните ќе го видиме многу скоро на избори. Доколку граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност, уште истиот ден тоа ќе го направам. Нема да чекам, како што беше тоа случај во 2021 година. Но, знам дека граѓаните не го делат истото мислење со СДСМ и останатите коишто се обидуваат преку некрофилска кампања да добијат некој политички поен, мислејќи дека така и мене лично и на Владата ќе ни нанесат штета, и мислам дека тоа им се враќа како бумеранг, но за тоа ќе бидат уверени кога ќе дојдат локалните избори“,
кажа Мицкоски денеска.
Вчера, Обвинителството поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица за кривични дела со чие сторување дошло до пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“ што се случи на 16 март годинава – трагедија во која загинаа вкупно 62 лица, а 211 беа повредени.
А, протестните маршови во Кочани не запираат. Попладнево ќе се одржи деветтиот по ред собир на семејствата на загинатите.
Протестот е закажан за 18 часот и 5 минути, како симбол за задоцнета реакција на институциите. Тој истовремено е и за поддршка на повредените лица во трагедијата.