Во однос на Законот за забрана за нефер трговски практики и за тоа дали како Влада би прифатиле неговата примена да се одложи, како што тоа го побараа преку писмо од Стопанската комора, Мицкоски рече дека ќе му излезат во пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за приспособување

Подготовка на есенска, новогодишна или пролетна кошничка со производи што се најупотребувани во тој период од годината, најави премиерот Христијан Мицкоски со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
„Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, ќе имаме пролетна. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните“,
рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе поддржи вакви мерки доколку Министерството за економија и труд предложи.
Според Мицкоски, цените на производите се стабилизирани, а добар резултат, како што рече, е и стапката на инфлација што во август изнесувала 2,2 отсто.
„Исклучително сум задоволен што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 проценти во однос на август минатата година. Тоа претставува навистина добар резултат, имајќи го предвид регионот и е меѓу првите во регионот, односно првите според ниска стапка на инфлација, би рекол и компетитивен во Европа и е понизок во рамки на еврозоната, што е добро. Значи, полека, но сигурно цените се стабилизираа и сакам да кажам дека во периодот што следи ќе продолжиме да се грижиме за стандардот на граѓаните“,
додаде тој.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најавува дека до петок треба да биде изготвена есенската потрошувачка кошница со околу 100 прехранбени производи. Тој вели дека работна група ќе направи симулација за ограничување на цените или на маржите. Симулацијата треба да даде информација кое ќе биде најповолното решение за крајните цени за потрошувачите и какви ќе бидат фискалните импликации од оваа мерка.
Предлогот и симулацијата на есенската потрошувачка кошница, како што вели Дурмиши за МИА, ќе биде доставена до Владата на следната седница и ќе се донесе одлука за намалување на цените на овие основни прехранбени производи за крајните потрошувачи.
Тој додава дека оваа есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе продолжи да се применува во вид на божиќна, рамазанска, велигденска потрошувачка кошница со измена на листата на производи кои ќе бидат опфатени во зависност од периодот во кој ќе се применува.
Во однос на Законот за нефер трговски практики и за тоа дали како Влада би прифатиле неговата примена да се одложи, како што тоа го побараа преку писмо од Стопанската комора, Мицкоски рече дека ќе му излезат во пресрет на стопанството доколку тоа побара одреден период за приспособување.
Но, тој сè уште не ги добил, како што рече, писмата од коморите во однос на Законот за нефер трговски практики.
„Писмата, за жал, се уште ги немам добиено. Од она што можам да го добијам како информација од Стопанската комора е дека таму има, би рекол, своевидно разногласие меѓу трговските синџири, трговците и производителите. Инаку, законот е тој. Доколку Стопанската комора побара официјално од нас како Влада недела, две, три, пет, колку им се потребни за усогласување, не гледам причина зошто тоа да не се случи. Ние работиме во интерес на бизнисот, интересот на економијата, во интересот на граѓаните и мислам дека тоа го правиме добро досега. Ќе видиме како ќе биде во иднина“,
рече Мицкоски.
Тој најави дека нема на сила да се прават работи ниту, пак, како што рече, да бидат тврдоглави.
„Доколку е потребно усогласување што се чекало со години, сега дополнителни две, три, четири недели не гледам причина зошто да не се случи“,
рече Мицкоски.
Законот за забрана на нефер трговски практики се донесе во март. Со него се очекуваше намалување на цените на прехранбените производи.
Паралелно се состави и листа со над 2 500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто.
Околу овој Закон, минатата недела Стопанската комора на Северна Македонија побара да се избришат одредени делови од Законот за нефер трговски практики.
Бранко Азески, претседателот на Стопанска комора, преку писмо на четири страници, му сугерира на премиерот Христијан Мицкоски што не чини во документот.
Од Комората бараат да се избрише делот од законот со кој се ограничува рабатот што добавувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај добавувачот непродадените производи. Треба да се зголеми, како што велат оттаму, рокот во кој купувачот го известува добавувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.
Вчера, пак, од Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) излегоа со писмено објаснување дека со примена на Законот за нефер трговски практики ќе се регулираат односите меѓу претпријатијата во синџирот на снабдување со земјоделство и храна и тој треба да обезбеди примена на трговски практики во целокупниот синџир.
Според нив, со носењето на законот ќе има порамноправен третман и ќе се намали јазот на мали и големи компании.