За ова попладнево информира министерот Крешник Бектеши, велејќи дека Владата на ја донела ваквата одлука на предлог на Министерството за економија со оглед на тоа што, како што вели, состојбата на пазарот укажува дека цените сè уште не се стабилизирани
Наместо до 30 април, владината одлука за замрзнување на цените на десет видови овошје и зеленчук, се продолжува до крајот на идниот месец, односно до 31 мај.

За ова попладнево преку објава на Фејсбук информира министерот Крешник Бектеши, велејќи дека Владата на денешната седница ја донела ваквата одлука на предлог на Министерството за економија.
„Имајќи предвид дека со оваа одлука се ограничува растот на цените во трговијата на мало, а состојбата на пазарот укажува дека цените сè уште не се стабилизирани, се наметна потребата да се предложи измена на одлуката, со која рокот на примената се продолжува до 31 мај 2023 година“,
пишува Бектеши на Фејсбук.
Па така, граѓаните до крајот на идниот месец ќе можат да пазарат домати, краставици и грав до 95 денари по килограм, за килограм кромид ќе плаќаат до 70 денари, свежите зелени пиперки ќе ги пазарат до 100 денари за килограм, а килограм леќа ќе плаќаат до 110 денари.
Килограм портокали и лимони ќе се продаваат до 60 денари, пет денари повеќе, односно 65 денари ќе чини килограм мандарини, а килограм банани ќе чини 75 денари.
Покрај оваа, Владата донесе одлука со која во периодот до 31 мај трговците се должни да прибавуваат и да продаваат најмалку 70 отсто од овошјето и зеленчукот чии цени се ограничени.