Со предложените измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, меѓу другото, се овозможува секој граѓанин со изјава кај својот матичен лекар или преку мобилна апликација да се определи за потенцијален донор на органи по својата смрт. На истиот начин предвидено е и евентуално повлекување на дадената изјава
Министерството за здравство информира дека од денеска на електронскиот регистар ЕНЕР се достапни предлог-измените на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.

Со предложените законски измени, меѓу другото, се предвидува измена и олеснување на административните постапки со што ќе се овозможи секој граѓанин со изјава кај својот матичен лекар или преку мобилна апликација да се определи за потенцијален донор на органи по својата смрт. На истиот начин предвидено е и евентуално повлекување на дадената изјава. Во оваа насока, во законот се прецизира дека семејството на починатото лице кое дало изјава со која се согласува да биде дарител по својата смрт, истото не може да го спречи.
„Ова е уште еден чекор за подигнување на јавната свест за значењето на органдонорството, како највисок акт на човекољубие со кој се спасуваат човечки животи. Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, системот да биде потранспарентен и подоверлив, а личната одлука да се врати таму каде што ѝ е местото – кај човекот“,
велат од Министерството за здравство.
Законските измени ќе овозможат формирање на национална електронска листа на донори, како и проширување на кругот на лица кои можат да бидат живи дарители на органи, при што се предвидува воведување контрола од Етичка комисија која ќе проверува дали донирањето е доброволно и без притисок или злоупотреба.
