Говорејќи за новиот Закон за сајбер безбедност, Андоновски најави дека се воведуваат строги механизми за пријавување инциденти за да се надмине праксата од минатото кога нападите се криеја, што на крајот ја чинеше државата многу поскапо
Четирите најбарани документи од Управата за водење матични книги (УВМК) како изводи за родени, венчани, умрени и потврдата за слободна брачна состојба наскоро ќе бидат целосно интегрирани на националниот портал за услуги, со што ќе се стави крај на досегашните проблеми со електронското аплицирање.
Ова го најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во интервју за Радио Слободна Европа. Тој појасни дека досегашното лошо искуство на граѓаните најверојатно се должи на тоа што системот ги пренасочуваше од националниот портал кон веб-страницата на самата институција, бидејќи Управата досега самостојно ги објавуваше услугите.
„Претпоставувам дека станува збор за редиректирање од националниот портал uslugi.gov.mk до конкретниот портал на Управата за водење на матични книги, затоа што таа сама ги публикуваше досега услугите електронски. Во тек сме на промени за четирите услуги, изводот од матична книга на родени, венчани, умрени и слободна брачна состојба“,
рече Андоновски.
Министерството сега е во завршна фаза на тестирање на промените и овие услуги наскоро ќе бидат целосно пренесени на „uslugi.gov.mk“. Андоновски откри дека граѓаните ќе имаат поголема флексибилност, па за секоја од услугите потврдата ќе се добива и електронски, но ќе има можност да се избере дали документот да се подигне на шалтер или да биде доставен по пошта на домашна адреса.
„За секоја од нив потврдата ќе биде добивана и електронски, а ќе имате можност да изберете да ја добиете на шалтер или да ви биде доставена по пошта“,
изјави Андоновски.
Иако примерот со електронските ваучери за студенти, според него, се покажал како исклучително успешен, министерот нагласи дека државата нема да оди со присилна дигитализација за целото население одеднаш, бидејќи мора да се внимава на дигиталниот јаз, а и самата држава мора прво да се подготви да ги нуди сите услуги електронски пред да го бара тоа од граѓаните.
„Не сакаме тоа да го направиме за сите граѓани одеднаш затоа што и државата не е доволно подготвена сите услуги да ги нуди електронски. Кога државата ќе ја исполни својата обврска сите услуги да ги нуди во електронски формат, тогаш тоа може да го бараме и од граѓаните“,
кажа тој.
Говорејќи за новиот Закон за сајбер безбедност, Андоновски најави дека се воведуваат строги механизми за пријавување инциденти за да се надмине праксата од минатото кога нападите се криеја, што на крајот ја чинеше државата многу поскапо. Предвидени се прекршочни одредби кои започнуваат од одговорното лице во субјектот, па одат нагоре. Законот јасно ги дели надлежностите, па така владиниот ЦИРТ ќе биде задолжен за органите на државната управа, додека Националниот ЦИРТ ќе ги покрива другите субјекти, а двата ќе комуницираат преку заедничка платформа.
