Попладнево протест поради измените во Законот за прекршоци имало и во кочанската населба Трајаново Трло, каде што исто така биле запалени гуми на улицата „Цветан Думов“, објави Радио Кочани
Група граѓани попладнево го блокираа патот Битола – Ресен во знак на протест поради измените во Законот за прекршоци, потврдија за „360 степени“ од Министерството за внатрешни работи (МВР).

На социјалните мрежи во попладневните часови се појавија видеа на кои можат да се видат граѓани како го блокираат патот палејќи отпад, гуми и дрва. Од дел од видеата не може да се разбере за што точно станува збор, додека на други може да се слушне како насобраните извикуваат „Правда бараме“, а дел од нив велат дека им биле одземени возила.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во 16:10 часот Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола бил известен дека патот А-3, Ресен – Прилеп бил блокиран кај местото викано Кај Ромите, од страната на Битола, поради што сообраќајот се пренасочува.
„Протестираат лица поради измени во Законот за сообраќај“,
велат од МВР.
За блокадата на патниот правец информираа и од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Попладнево протест поради измените во Законот за прекршоци имало и во кочанската населба Трајаново Трло, каде што исто така биле запалени гуми на улицата „Цветан Думов“, објави Радио Кочани.
Според објавата, по кратката и тензична интервенција на пожарникарите и полицијата огнот бил изгаснат, а собирот прекинат.
