Опозициската партија вели дека „гледајќи ја неспособноста на градските власти под градоначалничката Данела Арсовска“, решила сама да ги земе работите в раце и да се обиде да ја изменаџира ситуацијата со натрупаниот смет во оние општини во Скопје со кои раководат нејзини кадри
Градоначалниците на општините во Скопје кои се од редовите ВМРО-ДПМНЕ се самоорганизираат и вечерва ќе почнат со чистењето на сметот кој го „затрупа“ главниот град поради штрајкот на вработените во ЈП „Комунална хигиена“.

„Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на општините во состав на град Скопје, гледајќи ја неспособноста на градските власти и Арсовска вечерва се самоорганизираат. Градоначалниците Тимчо Муцунски на Аеродром, Орце Ѓорѓиевски на Кисела Вода, Бобан Стефковски на Гази Баба, Александар Стојкоски на Ѓорче Петров и Дарко Костовски на Бутел ќе бидат на терен со општинските служби во чистење на Скопје“,
пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
За побрзо да се собере насобраниот смет од преполните контејнери ќе се користат и возила од повеќе општини од внатрешноста на државата кои се управувани од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, и општина Центар, со која раководи кадар на СДСМ најави дека сама, со свои луѓе, ќе го чисти сметот.