Претседателот на Комисијата за земјоделство во ВМРО-ДПМНЕ,го обвини АД Водостопанство како еден од главните виновници за последиците од поплавите пред една недела бидејќи, како што рече, тоа е задолжено за наводнување и одводнување на површините и уредување на речните корита

Неколку градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ во источниот дел на земјава денеска реагираа дека централната власт не им помогнала во справувањето со поплавите во нивните општини.
Тие денеска имале координативен состанок на кој се договориле да формираат локални кризни штабови, а најавуваат и оти ќе формираат Комисија за проценка на штетите.
„Денес општина Кочани и јас како градоначалник имавме можност да организираме еден иницијативен координативен состанок со градоначалниците од истокот, поврзан со неодамнешните случувања во врска со поплавите, чувствувајќи дека изостана поддршката од централната власт ние се договоривме за неколку работи. Најнапред се договоривме да формираме локални кризни штабови, од регионален и општински карактер, го утврдивме оперативниот план со кој се мапираа критичните точки, кои беа на удар од поплавите и ги утврдивме ресурсите со кои располагаме, расположлива опрема и човечки потенцијал. На крајот донесовме заклучок дека треба да се формира комисија за проценка на штетите и да се бара надомест за истите“,
вели градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.
Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, кој присуствуваше на состанокот, се пожали дека биле оставени сами на себе без никаква помош од централната власт. Во оваа општина, според неговата изјава, поплавите зафатиле прежно во локалитетот Рамна река, каде нивото на реката Брегалница било енормно зголемено.
„Настанаа големи материјални штети во станбената инфраструктура, викенд куќите, како и во делот на атмосферската канализација која е во тек на изградба, како и големи оштетувања на електричните столбови на ЕВН“,
рече градоначалникот на Пехчево.
Кај делото Долни Балван во Општина Карбинци, поради зголемување на водотекот на Брегалница попуштил еден од столбовите на мостот, а реката надонела и паднати дрвја.
„Она што интервениравме и се обидовме да ги известиме ЦУК и Противпожарната подрачна единица, но од таа страна немавме никаква интервенција и помош. Она што на крај резултираше е што се успешно се заврши отстранувањето и навистина со помош на сопствената механизација и сопствените ресурси на ЈКП Плачковица“,
изјави градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.
На состанокот присуствувал и претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, кој го обвини АД Водостопанство како еден од главните виновници за последните од поплавите пред една недела. Тоа, рече Трипуновски, е претпријатие кое има законска обврска да се грижи за наводнување, но и за одводнување на површините без разлика дали се работи за земјоделски површини или уредување на речните користа.