Домашен притвор е одреден за неговата сопруга, која во моментот се наоѓа надвор од Албанија. Приведени се уште петмина бизнисмени, што наводно добивале сомнителни тендери од општина Тирана
По барање на Специјалното обвинителство за борба против организиран криминал и корупција на Република Албанија денеска е уапсен градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај. Попладнево, како што објави албанскиот медиум „Албаниан пост“, тој од канцеларијата на општина Тирана е спроведен во притвор.
Домашен притвор е одреден за неговата сопруга, која во моментот се наоѓа надвор од Албанија. Приведени се уште петмина бизнисмени, што наводно добивале сомнителни тендери од општина Тирана.
Претходно, тамошното Обвинителство наредило претреси во стан за кој се смета дека го користела сопругата на Велиај, при што биле запленети документи и електронски уреди.
Кон крајот на декември минатата година, Специјалното обвинителство на Албанија објави дека се води истрага против градоначалникот на Тирана и неговото семејство за корупција, перење пари и прикривање имот.
„Утврдено е дека има конкретни докази дека членовите на блиското семејство и други роднини на градоначалникот добивале незаконски бенефиции преку неколку фирми и поединци што имаат директни интереси во општина Тирана“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Градоначалникот на Тирана првпат бил испрашан на 28 декември, кога изјавил дека е наместен.
Според неговата одбрана, истрагата е злонамерна и спротивна на законот.