Свесен сум дека припаѓам во ризичната група граѓани, кај кои се поголеми шансите да заболат и да развијат потешки компликации од вирусот, но како лекар кој ја положил Хипократовата заклетва одлучив да застанам рамо до рамо со моите колеги доктори, порача Јованоски
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој по професија е специјалист ортопед, од денеска ќе помага како лекар на Инфективното одделение во Прилеп.
Причина, вели, е тоа што во последните десетина дена состојбата со вирусот ковид-19 во Прилеп е загрижувачка и има недостиг на медицински кадар.
„Како волонтер ќе бидам секојдневно присутен во Инфективното одделение и како доктор со долгогодишно искуство ќе им помагам на колегите и пациентите во справувањето со коронавирусот. Тоа ќе го правам сѐ додека има потреба од дополнителен медицински персонал и согласно развојот на ситуацијата со вирусот“,
изјави Јованоски пред Инфективното одделение.
Јованоски нагласува дека ќе ги извршува и градоначалничките обврски, кои сега се во помал обем. Упати порака до сите колеги, колку што можат, да се вклучат во борбата со ковид-19.
„Свесен сум дека припаѓам во ризичната група граѓани, над 60-годишна возраст, кај кои се поголеми шансите да заболат и да развијат потешки компликации од вирусот, но како лекар кој ја положил Хипократовата заклетва одлучив да застанам рамо до рамо со моите колеги доктори, на кои во овие исклучително тешки моменти им е потребна секојдневна помош во битката за спасување човечки животи. Мојот личен пример нека биде поттик за сите лекари, доктори специјалисти, сестри од матичните амбуланти, болничари и друг медицински персонал, да се вклучат и согласно нивното слободно време волонтерски да им помогнат на колегите од прилепската болница во борбата со вирусот“,
изјави Јованоски.
Инаку, само за една недела во Прилеп има 377 нови случаи на заразени, 106 пациенти се на болничко лекување и 15 пациенти починаа како последица и компликација од коронавирусот.