Одговарајќи на новинарско прашање, Николовски отфрли дека во случајот има политички реваншизам, иако пријавата се поднесува два дена пред почетокот на кампањата за локалните избори, на кои актуелниот градоначалник на Петровец повторно е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ
На пријавите реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи ја власта за предизборен притисок и политички прогон. Истиот предмет, велат од опозицијата, обвинителството на Русковска го има истражено во 2017-2018 години и констатирано дека нема криминал

Актуелниот градоначалник на Општина Петровец, Борче Митевски, неговиот брат и уште три други лица се осомничени дека во период од 2012 до 2018 сториле повеќе кривични дела со кои го оштетиле општинскиот буџет и се стекнале со 31 845 470 денари (околу 518 000 евра), соопштија денеска вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, и директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.
Муареми рече дека пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и копруција, а пријавените се сомничат за неколку кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластувања, поттикнување, злоупотреба на постапка за јавен повик, помагање и перење пари.
Од Финансиската полиција објаснуваат дека со фиктивни фактури, општински пари биле уплаќани на сметки на фирми чии вистински сопственик е братот на градоначалникот.
„Првопријавениот, во својство на одговорно лице во Општина Петровец, во име на Општина Петровец извршил плаќање на 24 фиктивни фактури во вкупен износ од 31 845 470 денари, издадени од пријавениот правен субјект Аце Транс Компани‘ ДООЕЛ Скопје и правниот субјект ’Леома Транс‘ ДОО Скопје, за наводно извршени градежни работи и утовар, транспорт и истовар на градежен шут, по претходно склучени повеќе договори за јавни набавки, иако првопријавениот бил свесен и знаел дека наведените работи во предметните фактури не биле извршени, ниту пак наведените материјали биле во целост вградени, а третопријавениот, во својство на инженер за надзор, таквите фиктивни фактури ги заверил со свој потпис и печат“,
рече Муареми.
Братот на градоначалникот, кој е второпријавен, според тоа што го кажа Муареми, иако бил свесен дека парите се добиени од фиктивно издадени фактури, а за да го прекрие потеклото, дел од сумата (7 520 365 денари) ја искористил за купување возила и градежна механизација за фирмата, а дел од парите врз основа на фиктивни фактури потоа ги префрлил (7 530 181 денар) на сметките на две други фирми, од кои четвртопријавениот ги подигал во готово.
Петтиот пријавен, пак, се сомничи дека поднел понуда на тендерот од Општината во име на фирмата на братот на градоначалникот, во која доставил невистинита изјава за располагање со техничка опрема и механизација.
На прес-конференцијата вицепремиерот Љупчо Николовски рече дека претставка за овој случај стигнала во неговиот кабинет во мај годинава. Откако ја разгледале, од неговиот кабинет ја испратиле до Управата за финансиска полиција и до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Одговарајќи на новинарско прашање, Николовски отфрли дека во случајот има политички реваншизам иако пријавата се поднесува два дена пред почетокот на кампањата за локалните избори, на кои актуелниот градоначалник на Петровец повторно е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.
На пријавите реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи ја власта за предизборен притисок и политички прогон. Истиот предмет, велат од опозицијата, обвинителството на Русковска го има истражено во 2017-2018 години и констатирано дека нема криминал.
„Криминалниот режим повторно посегнува да креира предизборен притисок врз опозицијата и ја доведува во прашање кредибилноста на целиот изборен процес. Министерот за корупција Љупчо Николовски организира политички прогон против кандидат за градоначалник на опозицијата во изборни цели, злоупотребувајќи ист предмет за кој што Јавното обвинителство за организиран криминал водено од Вилма Русковска уште во период 2017-2018 година го има истражено, и констатира дека нема криминал и за тој случај нема постапка“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.