Портпаролот на Градското собрание на Мариупол во соопштение на „Телеграм“ напиша дека би сакал оваа бројка да не е точна и дека сите што во моментот на нападот биле во театарот успеале да преживеат, пренесува „Гардијан“
Хуманитарната ситуација во опколениот град Мариупол продолжува да се влошува, а Русија ја блокира испораката на хуманитарна помош, изјави градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, пренесува Би-би-си.
Стратегиски важниот пристаништен град е опкружен со руски војници уште од раните денови на војната, а тамошното население веќе со недели се соочува со недостиг од струја, вода и храна. Поголемиот дел од градот се веќе рушевини.
„Ситуацијата е навистина комплицирана. Тоа е хуманитарна криза. Дел од градот е окупиран од руските сили, но нашите војници сè уште го контролираат градот. Постојано се водат борби“,
изјави Вадим Бојченко за Би-би-си.
Околу 100 000 луѓе остануваат заробени во Мариупол, а напорите за извршување големи евакуации засега поминаа неуспешно. Илјадници граѓани сепак успеаја да заминат во последните денови со приватни возила.
„Работиме на евакуација и верувам дека тоа е единственото нешто што може да ги спаси луѓето. Градот е уништен. Ќе бидат потребни години за повторно да се изгради”,
додаде Бојченко.
Тој рече дека 300 тони хуманитарна помош чекаат да бидат испорачани, но руските сили едноставно не дозволуваат да се случи тоа.
Во четвртокот заменик-премиерот на Украина ја обвини Русија дека веќе три дена го блокирала влезот на конвои со хуманитарна помош.
Утрово, пак, локалните функционери на опколениот град Мариупол објавија дека во бомбашки напад кој се случил на 16 март во Драмски театар во тој град стравуваат дека загинале најмалку 300 луѓе.
Портпаролот на градското Собрание на Мариупол во соопштение на Телеграм напиша дека би сакал оваа бројка да не е точна и дека сите кои во моментот на нападот биле во театарот успеале да преживеат, пренесува „Гардијан“.
„За жал, овој ден го почнуваме само со лоши вести. Од очевидци се појавуваат информации дека околу 300 луѓе загинале во драмскиот театар во Мариупол како последица на руско бомбардирање. Не сакам да верувам во овој ужас, до последно ќе се надевам дека сите успеале да помогнат. Драмскиот театар во срцето на Мариупол отсекогаш беше заштитен знак на градот“,
се вели во соопштението на портпаролот на градското собрание во Мариупол.
Од друга страна, Москва демантираше дека го извршила овој напад. Руското МНР тврди дека милитантите на баталјонот „Азов“ предизвикале нова провокација и дека тие го кренале театарот во Мариупол во воздух, кој претходно го минирале.