Од Министерството за внатрешни работи велат оти трите лица се гонат за злоупотребување на службената положба
Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против тројца вработени во Општина Крива Паланка – К. П. (59), М. К. (41) и С. М. (38) – поради сомневање дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Според Министерството за внатрешни работи, К. П., административен службеник во општината, донел решение за промена на инвеститор спротивно на Законот за градење, иако дозволата за градба што ја поседувал првичниот инвеститор веќе била со истечен рок.

М. К., раководителка на одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина, не извршила соодветен надзор врз процесот, туку го потпишала и одобрила решението како валидно. Со тоа, според полицијата, му овозможила на лице од Крива Паланка да продолжи со изградба на куќа со деловен простор, без соодветно одобрение.
Исто така, третопријавениот С. М., во својство на градоначалник на општината, не спровел надзор врз легитимноста на документот и со свој потпис, факсимил и општински печат го одобрил решението како важечко, велат од Министерството за внатрешни работи.
Кон крајот на мај годинава, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со уште двајца службеници во општината добија кривични пријави поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата.