Во објава на неговиот фејсбук-профил Ѓорѓиевски објави фотографии од синоќешното чистење на плоштадот „Македонија“. На фотографиите може да се види дека екипи на „Комунална хигиена“, но и пожарникари го мијат плоштадот и кејот на Вардар, а со млазеви вода ги прескаат и спомениците

Новоизбраниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на еден ден пред да истечат 72 часа од неговото ветување за чисто Скопје, се пофали со нови фотографии дека акцијата тече според планот.
Во објава на неговиот фејсбук-профил Ѓорѓиевски објави фотографии од синоќешното чистење на плоштадот „Македонија“. На фотографиите може да се види дека екипи на „Комунална хигиена“, но и пожарникари го мијат плоштадот и кејот на Вардар, а со млазеви вода ги прескаат и спомениците.
„Нашето убаво Скопје! Чисто и достоинствено!“,
напиша Ѓоргиевски во описот на фотографиите.
Акцијата за чистење на Скопје започна неколку часа откако Ѓорѓиевски ја презеде градоначалничката функција од неговата претходничка Данела Арсовска, и се очекува да заврши вечерва.
Во акцијата се вклучени луѓе и механизација од сите комунални претпријатија на Скопје, вклучувајќи го и ЈП „Улици и патишта“.
Вчера од претпријатието рекоа дека со механизација и рачно се чистат коритото и косините на реката Вардар и дека се отстрануваат кабаст отпад, пластична амбалажа и земјен материјал, насобрани во централниот дел на кејот.
Истовремено, екипи работат и на празнење на контејнерите од насобраното ѓубре низ градот.
