Од МВР информираат дека таа лично не сакала да го пријави настанот во полиција и заминала во Градската општа болница „8 Септември“ за укажување лекарска помош
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска околу пладне била физички нападната во скопски Чаир во близина на улицата Пластичарска.

Информацијата ја потврдија од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што соопштија дека случајот во полиција го пријавило лице со иницијали А.Ј., наведувајќи дека за време на извршување на работните задачи Арсовска била физички нападната на улица „Кумбара“ во Чаир. Повеќе лица ѝ упатувале и вербални закани.
Во соопштението на МВР се додава дека таа лично не сакала да го пријави настанот во полиција и заминала во Градската општа болница „8 Септември“ за укажување лекарска помош.
„На 11.7.2025 во 12:15 часот од страна на А.Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на ул. ‘Кумбара’ физички била нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Таа не сакала да поднесе пријава за настанот, по што се упатила во ГОБ ‘8 Септември’ за укажување лекарска помош“,
се наведува во соопштението на МВР.
Скопската градоначалничка изминатиов период често одеше во „лов на дивоградби“ во Општина Чаир, документирајќи ги и објавувајќи ги на својот фејсбук-профил преку видеообраќања.