Нема да се брза со отворање на градинките, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, при што додаде дека ќе се запази динамичкиот план што веќе е утврден заедно со Министерството за труд и социјална политика.
„Веќе почнуваат да се отвораат и уписите за тие деца кои не се запишани и тие што навистина нема каде да ги носат децата, а тоа оди паралелно со оној процес на враќање тогаш кога ќе се одлучи, односно тогаш кога ќе бидат отворени за вработените. Во оваа ситуација сакам да потенцирам дека нема да брзаме со градинките“,
нагласи Филипче.
Дотогаш, според него, родителите на деца до 10 години може да не одат на работа.
„Тие имаат апсолутно легитимно право да не одат заради тоа што мора да ги чуваат децата, а секој прекршок би требало да се санкционира преку инспекторатите“,
потенцира Филипче.
Од досегашниот скрининг на вработените во градинките, регистрирани се 4 случаи на заразени, и тоа два во Скопје и по еден во Битола и Куманово. Со скринингот се опфатени 3 015 лица.
