Скринингот на вработените што започна денеска се очекува да трае десетина дена
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека скринингот во градинките и официјално е почнат и беше дециден дека додека не се сигурни дека брисевите на вработените се негативни, нема да се носи одлука тие да се отворат.
„Почнува скринингот во градинките, вчера се направени финалните подготовки, а денеска се регрутирани вработените во градинките кои ќе бидат тестирани. Иако првично беше планирано тоа да биде во центрите за јавно здравје, одлучено е сепак тие да не се мешаат со оние што се потенцијално заразени или со симптоми и доаѓаат во центрите. Тој процес ќе продолжи и понатаму, сѐ додека не сме сигурни дека се целосно здрави, односно брисевите се негативни, нема да носиме одлука да градинките се отворат“,
рече Филипче.
За тоа колку би траел скринингот, тој одговори дека според сегашната проценка на капацитетите, скринингот би траел десетина дена, меѓутоа во следните денови ќе се анализира како ќе се одвива процесот, ќе се има предвид и можноста да се надгради капацитетот на тестовите. Градинките, како што рече, мора да се отворат во исто време.
„Не може да отвораме една по една градинка. Нека почне денеска, па во следните денови ќе видиме. Мислам дека имаме сериозни шанси да го зголемиме бројот на тестови кои би се правеле во текот на еден ден па да заврши и за кратко време“,
одговори министерот Филипче.
Тој потенцира дека отворањето на градинките сѐ уште претставува ризик, затоа што станува збор за сензитивна група, односно за малите деца.
„Не е само брисот како брис податок за вработените, туку и многу други податоци во однос на околината, семејството, условите и контактите во кои живеат тие. Нема да им биде земен само брис, туку ќе се направи соодветна епидемиолошка анкета, ќе се откријат асимтоматските носители, и тоа е целта во сите ризични групи кои сега ги таргетираме со ваков пристап, со таргетиран скрининг. Ризик постои и откако би се отвориле градинките, и свесни сме за тоа меѓутоа станува збор за исклучително сензитивна група, за малите деца и сметам дека треба оттука да се почне и дека ќе добиеме некои податоци“,
рече Филипче.
