Градинките да се отворат веднаш по комплетното завршување на скринингот и кога ќе се осигура нивната безбедност, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски.
Тој рече дека вчера од Министерството за здравство бил известен оти уште некој ден ќе заврши целосниот скрининг на сите вработени во градинките, по што ќе се разговара прво во Комисијата за заразни болести, а потоа и во Владата за денот на отворањето.
„Ситуацијата со ковид-19 е непредвидлива секаде, не само кај нас. Зависно од тоа како ние се однесуваме можеме да ја имаме предвидливоста пред нас, а одговорноста на секој еден човек, одржувањето дистанца, носење заштитна опрема ќе придонесе за подобрување на состојбата“,
изјави премиерот Оливер Спасовски, кој заедно со заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ направија увид во градежните работи на нова, енергетски ефикасна градинка во Драчево, Општина Кисела Вода.
Тој апелираше до граѓаните сите работи што ги предлага Комисијата, а како одлуки ги носи Владата, да бидат испочитувани.
