Здружението за градежништво при Стопанската комора смета дека неиздавањето на дозволи за градење, негативно се одразува врз секторот, оценувајќи го процесот кој го водат општините за инертен и нетранспаретен.
– Падот на високоградбата се должи на лошата клима во градежништвото од 2018-та година. Гледајќи ја ситуацијата, инвеститорите не се впуштаат во големи инвестиции. Со мораториумите не знаеме што можеме да очекуваме,
– смета Андреа Серафимовски, претседател на здружението.

Во периодот што следува, Здружението ќе ги едуцира граѓаните при купувањето на станови, да го вреднуваат квалитетот на градбата, а не локацијата.
Во првиот квартал од 2019-та година, бројот на продадени станови изнесува 687, бројот на непродадени е 5.340, а објекти кои што се во фаза на градба е 11.322.
Осврнувајќи се и на законите кои го засегаат градежниот сектор, Серафимовски бара Министерството за транспорт и врски да го поддржи Законот за урбанистичко планирање, кој заглави во собраниска процедура. Потсети дека во фазата на подготвување немало големи забелешки, но откако влезе на разгледувње во законодавниот дом, законот е затрупан со речиси 500 амандмани. Воедно, апелираше и за што побрзо донесување на подзаконски акти на Законот за јавни набавки, кој се донесе пред 5 месеци.
– Подзаконските акти треба да го исфрлат критериумот за добивање на тендери по критериумот на најниска цена. Но, институциите се уште се водат по старата пракса, иако законот е донесен во април. Единствен исклучок е Јавното претпријатие за државни патишта,
– вели Серафимовски.