Од Град Скопје велат дека за 16 372 даночни обврзници веќе се изготвени и доставени решенија за забрана на средства до деловните банки, додека преостанатите 23 209 решенија ќе бидат доставени до банките до крајот на оваа недела

Град Скопје од денеска започна со постапка за присилна наплата на неплатениот данок на имот за 2021 година, информираат од градската управа. Оттаму велат дека ова следува по јавниот повик упатен во декември минатата година, на кој само мал дел од должниците одговориле позитивно и го платиле заостанатиот данок.
Според податоците од Градот, утврдено е дека 37 655 физички лица и 1 926 правни лица сè уште го немаат подмирено долгот за 2021 година. Вкупната вредност на овие неплатени обврски изнесува 148 466. 661 денари.
Од Град Скопје велат дека за 16 372 даночни обврзници веќе се изготвени и доставени решенија за забрана на средства до деловните банки, додека преостанатите 23 209 решенија ќе бидат доставени до банките до крајот на оваа недела.
Од Градот информираат дека во периодот од 9 декември до 23 јануари, вкупно 830 обврзници ги подмириле своите заостанати долгови, со што во градската каса се уплатени 20 107 103 денари.
Од Град Скопје упатуваат апел до сите граѓани и компании кои сè уште не ги подмириле своите обврски врз основа на даноците на имот и комунални такси, тоа да го сторат во најкраток можен рок бидејќи велат дека присилната наплата ќе продолжи кон сите даночни должници кои имаат долг спрема Градот Скопје.
Увид во состојбата на долгот и електронско плаќање може да се изврши преку порталот https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml.
„Подмирувањето на овие давачки претставува законска обврска и неопходен предуслов за нормално функционирање и развој на градот“,
додаваат од градската управа.
