Втората група торбички, како што се наведува, ќе се дистрибуираат преку Клиниката за детски болести до крајните корисници
Град Скопје обезбеди термос инсулински торбички со фреон за 300 дечиња со дијабетес тип 1, кои го олеснуваат складирањето и чување на инсулинот кој го користат на константна температура.
Како што информира Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска заедно со Катерина Јовановска, член на Комисијата за унапредување на правата на пациентите и член на Советот на Град Скопје и претставници на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија „Баланс МК“ и Сојузот на дијабетичари на Македонија симболично ги доделија термос инсулинските торбички.
Втората група на торбички, како што се наведува, ќе се дистрибуираат преку Клиниката за детски болести до крајните корисници.
„Подаваме рака на сите наши сограѓани кои се соочуваат со здравствени предизвици и правиме се во рамки на нашите можности да им го олесниме животот и секојдневното функционирање. Особено се грижиме за нашите најмлади, за децата, за да им го направиме детството што посигурно и побезгрижно. Токму тоа е целта на овој проект, да го олесниме животот на децата со дијабет, кои инсулинот соодветно ќе можат да го складираат во термос инсулинска торбичка со фреон“,
се наведува во соопштението на Град Скопје.
Иницијативата за набавка на термос инсулинските торби со фреон за деца до 18 години со дијагноза дијабетес тип 1 покрената од Комисијата за унапредување на правата на пациентите на Град Скопје, се реализира како заедничка активност со Комисијата за социјална, детска и здравствена заштита при Советот на Град Скопје, како дел на Програмата за активности од областа на социјалната, детската и здравствената заштита на Град Скопје, велат од Градот.
