Се добива впечаток дека сега Универзална сала припаѓа на Министерството за култура, но тоа не е така. Ние дури и излеговме од ингеренциите и подготвивме предлог-одлука, за да ја забрзаме постапката и со придружно писмо ја пративме до службите на Град Скопје, да помогнеме, но немаме никаков одговор, рече министерката за култура
Град Скопје се уште го нема подготвено договорот кој треба да го потпишеме со градоначалничката Данела Арсовска, а кој се однесува на предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура, вели министерката за култура.
Министерката Костадиновска-Стојчевска, при денешното гостување во утринската програма на МТВ, рече дека и покрај тоа што во Советот на Град Скопје имаше две гласања, каде советниците се согласија ингеренциите за реконструкција да преминат на министерството, за тоа да се финализира потребно е да се потпише договорот.
Таа додаде дека тоа досега не е случено и од изгласувањето на одлуката два пати се обратиле до Град Скопје, но за жал не добиле повратна информација.
„Се добива впечаток дека сега Универзална сала припаѓа на Министерството за култура, но тоа не е така. Ние дури и излеговме од ингеренциите и подготвивме предлог-одлука, за да ја забрзаме постапката и со придружно писмо ја пративме до службите на Град Скопје, да помогнеме, но немаме никаков одговор“,
рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура упати апел до службите на Град Скопје да се забрза процесот, бидејќи, како што рече, Универзална сала станува опасна доколку биде оставена во оваа фаза и во ваква состојба.
На 20 јули годинава, со 26 гласа „за“, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура.
Иницијативата за времено предавање на ингеренциите на Министерството за култура е доставена до градоначалничката Данела Арсовска, која Советот ја задолжи заедно со службите во рок од седум дена да изготви и предлог-одлука за префрлање на ингеренциите околу обновата на салата. Во заклучокот од Советот се наведува и дека се задолжува градоначалникот на Град Скопје да подготви договор за промена на инвеститорот на Универзална сала од Град Скопје во Министерство за култура.