Град Скопје за денеска најави презентација на системот „Брз автобуски јавен превоз“ (БРТ) или популарно наречен трамвајот на тркала.
На презентацијата ќе учествуваат градоначалникот Петре Шилегов; помошник директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Ијан Џенинкс; сообраќајниот експерт од областа на јавен градски превоз, Никола Крстаноски; сообраќајниот експерт за БРТ, Градимир Стефанович и генералниот менаџер на „РОМ инженерство“, Мош Хрш.
Овој проект се реализира со кредит од 70 милиони евра од ЕБОР. Проектот опфаќа воспоставување две линии, со коридори од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Прва треба да биде изградена трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче која е предвидено да биде во должина од 12,8 километри во една насока, да има 21 станица, два терминала во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче, каде што ќе биде изграден новиот терминал. Очекувањата се дека оваа релација ќе се поминува за 30-ина минути.
Според првичните проценки, вкупниот број на патници што ќе ја користат оваа траса е околу 65 илјади луѓе дневно. Времетраењето на патувањето од сегашните 70 минути би се намалило за повеќе од 50 проценти.
Како што беше најавено, реализацијата на БРТ-системот треба да биде завршена 2024-2025 година.