Пред да ја изгласаат, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, рече дека предлог-одлуката за донација на шест милиони денари е првична помош што Градот Скопје може да ја даде во моментов. Средствата, како што рече, се обезбедени од буџетот на Град Скопје за 2025 година, од постојаната резерва за непредвидливи расходи
Градот Скопје ќе донира шест милиони денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.
Одлуката беше донесена на денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје. Единствената точка на дневниот ред беше изгласана со 40 гласа „за“, без ниеден глас „против“ или „воздржан“.

Седницата на Советот започна со едноминутен молк во чест на загинатите во трагедијата.
Пред да ја изгласаат, претседателот на Советот, Трајко Славески, рече дека предлог-одлуката за донација на шест милиони денари е првична помош што Градот Скопје може да ја даде во моментов. Средствата, како што рече, се обезбедени од буџетот на Град Скопје за 2025 година, од постојаната резерва за непредвидливи расходи.
„Средствата ќе се префрлат на сметката на фондот за солидарност на Црвениот крст на на Република Македонија. За реализација на оваа одлука се задолжува градоначалникот на Град Скопје и одлуката ќе влезе во сила со денот на објавување во Службен гласник на Град Скопје, што ќе биде речиси инстантно по одржување на оваа седница“,
рече претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.
Славески повтори дека донацијата е во рамки на моменталните можности на Град Скопје и додаде дека е усвоен и заклучок според кој во најскоро време ќе се обезбедат дополнителни средства за оваа намена.