Според одлуката, која беше изгласана од 39 советници, на двете земји ќе им бидат донирани вкупно шест милиони денари, по три милиони денари за секоја држава
Вонредната седница на Советот на Градот, чија единствена точка на дневен ред беше предлогот за парична помош на Турција и Сирија, започна со едноминутен молк во чест на илјадниците загинати во земјотресите во двете земји
Советниците на Град Скопје денеска на вонредна седница едногласно одлучија од градскиот буџет да се одвојат шест милиони денари и да се донираат за погодените во земјотресите во Турција и Сирија.
Според одлуката, која беше изгласана од 39 советници, на двете земји ќе им бидат донирани вкупно шест милиони денари, по три милиони денари за секоја држава.
Вонредната седница на Советот на Градот, чија единствена точка на дневен ред беше предлогот за парична помош на Турција и Сирија, започна со едноминутен молк во чест на илјадниците загинати во земјотресите во двете земји.

Паричната помош за двете земји, како што посочи претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, ќе се реализира преку уплата на средствата на Фондот за солидарност на Црвениот крст на Северна Македонија.
Во претресот на седницата, советникот од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Страшо Ангеловски, посочи дека советниците несомнено ќе ја поддржат одлуката за донација на средства за двете земји, но, како што нагласи, со тоа само ќе си ја „исперат совеста“, притоа знаејќи дека средствата наменети за Сирија нема да стасаат до неа.
„За жал, во Сирија не може да стасаат средства, а тоа е поради санкциите и рестриктивните мерки на евроатлантските партнери и нивните вредности, кон кои ние се стремиме. Ајде да се заложиме ваквите вредности да не важат, барем не во време кога народите страдаат, без разлика за кој народ станува збор. Луѓето се луѓе“,
рече советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Страшо Ангеловски.
Освен Градот Скопје, помош за настраданите во катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија деновиве најавуваат повеќе општини во земјава.
Покрај помошта од локалните самоуправи, Владата одлучи во Турција да бидат испратени 40 припадници на републичките сили за заштита и спасување кои ќе помогнат во санирањето на последиците од земјотресот, а во земјата ќе бидат испратени и 24 припадници на Армијата.
Владата ќе помогне и со донација од 10 000 ќебиња и 200 санитетски носила, а со цел да се обезбеди дополнителна помош за погодените од земјотресот, Министерството за финансии е задолжено да подготви одлука за одобрување шест милиони денари од Буџетот за 2023 година, кои ќе бидат испратени во Турција.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера најави дека Северна Македонија ќе испрати помош и за Сирија откако ќе се утврди што точно ѝ е потребно на земјата.