Советот на Град Скопје на денешната седница го прифати предлогот заштитениот локалитет кањонот Матка да биде прогласен за споменик на природата.
Сега на потег е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) до чија адреса Градот ќе ја испрати одлуката изгласана на денешната седница, а Министерството ќе треба да спроведе постапка за ревалоризација и за прогласување на Матка за споменик на природата.
Предлогот го прифатија советниците и од власта и од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ апелираа предметот да не седи долго време во фиоките во МЖСПП.
„Секој ден е значаен, знаеме дека со заштитата на кањонот Матка ќе се скратат, ќе се оневозможат апетитите на многумина кои знаеме дека последниве години и на дело ја покажуваат својата совест, конкретно за дивите градби. Иницијативата е супер, да бидеме солидарни и заеднички да се потрудиме што побрзо МЖСПП да ја донесе одлуката“,
рече советничката од опозицијата Светлана Колариќ.
Според правилата на Светскиот одбор за заштитени подрачја, спомениците на природата се подрачја од трет степен на заштитеност, по националните паркови кои се од втор и подрачјата на дивина кои се од прв степен.