Граѓаните своите идеи и предлози за буџетот за 2026 година можат да ги испратат на електронската адреса: [email protected]

Град Скопје објави дека го започнува процесот на креирање на буџетот за 2026 година со нов, отворен пристап, ставајќи акцент на максимална транспарентност, отчетност и партнерство со јавноста. Целта, како што велат од Град Скопје, е да се изработи финансиски документ кој се темели на реалните потреби и визија за развој на градот.
Од Градот Скопје велат дека буџетот не е само финансиски документ, туку стратегиска основа за стабилен развој, модернизација и поефикасни услуги, во чие создавање секој жител, организација или заедница ќе може да даде конструктивен придонес.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека скопјани, невладиниот сектор, бизнис заедницата и сите кои сакаат да придонесат за подобро, поуредено и пофункционално Скопје може да ги достават ставовите и идеите, за кои додава оти ќе бидат основата врз која ќе се гради овој важен документ.
Тој вели дека веќе се собрани голем број предлози преку постојана комуникација со граѓаните, но процесот е сѐ уште отворен.
Новиот буџет, според најавите, ќе опфати приоритетни капитални проекти во неколку области како инфраструктурни зафати, култура, спортски содржини, животна средина.
Градоначалникот ги повика сите граѓани да се вклучат во создавањето на буџетот, нагласувајќи дека ова е моментот кога секој може да влијае со конкретна идеја, предлог или забелешка за создавање на „стабилна основа за долгорочен развој и силно, достоинствено Скопје“.
Граѓаните своите идеи и предлози за буџетот за 2026 година можат да ги испратат на електронската адреса: [email protected].
