Во првиот квартал од годинава се реализирани 335,75 милиони денари, односно 18,12 отсто од планираните инвестиции, што, како што вели, претставува рекорден резултат за овој период
За само четири и пол месеци, според него, обврските на јавните претпријатија се намалени за околу 38,5 милиони евра. Покрај намалувањето на долговите, Град Скопје успеал да воведе ред и во исплатата на платите во јавните претпријатија, при што, како што наведе, повеќе нема доцнења од по неколку месеци
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска соопшти дека Град Скопје го бележи најдобриот прв квартал досега во реализацијата на капитални инвестиции, оценувајќи дека градската администрација работи со зголемена динамика и финансиска дисциплина.

„И покрај затекнатиот хаос, наследените долгови, нефункционалните системи, парализираните јавни претпријатија и град кој со години беше оставен без вистинско водство, успеавме за краток период да го исправиме Скопје на нозе. Денес, со гордост можам да кажам дека Град Скопје го бележи најдобриот прв квартал во својата историја, со највисока реализација на капитални инвестиции досега“,
напиша тој на Фејсбук.
Според податоците што тој ги објави, во буџетот на Град Скопје за 2026 година се предвидени 1,85 милијарди денари за капитални инвестиции, што претставува зголемување од 32,4 отсто во однос на претходната година.
Во првиот квартал од годинава се реализирани 335,75 милиони денари, односно 18,12 отсто од планираните инвестиции, што, како што вели, претставува рекорден резултат за овој период.
„Тоа е најдобра реализација за прв квартал во историјата на Град Скопје! Ова е резултат на дисциплина, работа, одговорност и секојдневна борба за секој денар да биде насочен таму каде што најмногу им треба на граѓаните, во улици, инфраструктура, јавни услуги, чистота, зеленило, сообраќај, функционални претпријатија и проекти кои го менуваат ликот на градот“,
вели Ѓорѓиевски.
Информира и дека само во април се реализирани 464,45 милиони денари, додека заклучно со почетокот на мај реализацијата надминала 480 милиони денари, или 26 отсто од годишниот план.
Скопскиот градоначалник посочи и дека реализацијата во 2026 година е повисока во однос на првите шест месеци од повеќе претходни години.
„За споредба, во првите четири месеци од 2026 година имаме подобра реализација од цел втор квартал, односно од првите шест месеци во повеќе претходни години: во 2025 година реализацијата изнесувала 463 милиони денари, во 2024 година 385,4 милиони денари, во 2023 година 420,5 милиони денари, а во 2022 година 368,4 милиони денари“,
посочи Ѓорѓиевски.
Тоа, како што рече, значи дека за само четири месеци веќе сме надминале цели шестмесечни периоди од претходни години.
Покрај инвестициите, градоначалникот наведе дека се исплатени сите наследени субвенции и обезбедени средства за јавните претпријатија, како и дека значително се намалени нивните обврски.
„Ова е разликата кога градот се води одговорно“,
кажа тој.
За само четири и пол месеци, според него, обврските на јавните претпријатија се намалени за околу 38,5 милиони евра.
„Предводник во ова намалување е ЈП ‘Водовод и канализација‘, каде што обврските се намалени за 1,55 милијарди денари, односно повеќе од 25 милиони евра. Намалување на обврските има и кај ЈСП, ‘Улици и патишта‘, ‘Комунална хигиена‘, ‘Паркови и зеленило‘, ‘Градски паркинг‘ и ‘Дрисла‘“,
вели градоначалникот.
Покрај намалувањето на долговите, Град Скопје успеал да воведе ред и во исплатата на платите во јавните претпријатија, при што, како што наведе, повеќе нема доцнења од по неколку месеци.
Според Ѓорѓиевски, при преземањето на функцијата во ноември 2025 година, речиси сите јавни претпријатија имале неисплатени плати и К-15 за вработените, додека сега состојбата е стабилизирана.
„Денес јавните претпријатија функционираат постабилно, ги реализираат своите инвестициски програми и капитални проекти, а нивната работа постепено се враќа во нормален и одговорен тек“,
рече Ѓорѓиевски.
Информира и дека за околу четири и пол месеци обврските на Град Скопје се намалени за околу 11,6 милиони евра, при што тековните обврски се намалени за 5,5 милиони евра, а кредитните задолжувања за околу 2,2 милиони евра.
„За само неколку месеци покажавме дека Скопје може да се движи напред. Покажавме дека и од хаос може да се создаде ред, и од блокиран систем може да се изгради функционален град. Наследивме долгови, проблеми и нефункционалност. Но не баравме изговори. Работевме и решававме. Стабилизиравме. Инвестиравме“,
напиша тој на Фејсбук.
