Покрај препораките кои имаат за цел подобрување на квалитетот на воздухот, градските власти најавуваат дека во претстојниот период ќе се спроведуваат засилени инспекциски контроли на сите постројки кои поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи
Граѓаните редовно да ги чистат оџаците и да ги одржуваат печките во домовите, и за затоплување да не горат отпад, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, гуми или каков било синтетички материјал. Ова се дел од препораките што ги издаде Секторот за заштита на животната средина на Град Скопје за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух во пресрет на зимската сезона.

„Да се користи суво и чисто дрво за затоплување, без примеси од земја и отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и да се врши редовен сервис на котли, печки и клима-уреди за ефикасно согорување и помалку емисии на штетни материи“,
препорачуваат од Градот Скопје.
Покрај препораките, градските власти најавуваат дека во претстојниот период ќе се спроведуваат засилени инспекциски контроли на сите постројки кои поседуваат елаборати за заштита на животната средина или Б-интегрирани еколошки дозволи. Особено внимание, како што додаваат од Град Скопје, ќе се посвети на откривање и спречување на спалувањето отпад.
