Претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, беше во официјална посета на Македонија, а учествуваше и на самитот од процесот Брдо-Бриони во Скопје. Грабар-Китаровиќ има импресивна политичка и дипломатска кариера – беше пратеничка во хрватскиот Сабор, министерката за европски прашања и за надворешни работи во владите на Иво Санадер, па амбасадорка на Хрватска во САД, по што стана помошник-генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија. На претседателките избори кон крајот на 2014-та и почетокот на 2015 го победи Иво Јосиповиќ и стана прва жена претседател на Хрватска, земја-членка на НАТО и на Европската Унија.
Во интервју за „360 Степени“ таа зборува за искуството на Хрватска со членството во НАТО и во ЕУ и што тоа значи за земјата, за одливот на млади луѓе во западните земји како и за прашањето за името и засилените активности околу членство во НАТО на Македонија, за новата политика на ЕУ за засилен интерес за интеграција на Западен Балкан и други теми.
– Секако дека предностите на членството во Европската Унија и во НАТО повеќекратно ги надминуваат негативните компоненти. Секако дека во Македонија како држава која е кандидат и сака да влезе во ЕУ и НАТО, се прашувате дали е подобро за вас да останете сами или да бидете дел од тие големи интеграции. Нормално е дека колку сте поблиску до целта, опаѓа и поткрепата од јавноста, но можам да ви кажам дека од наше искуство, членството во НАТО во 2008 година и членството во ЕУ во 2013 година се покажа како повеќе позитивно од негативно. Економски ќе биде сигурно подобро затоа што ќе се сметате за простор на сигурност и просперитет. Кога ќе влезете во НАТО и во ЕУ ќе ви порасне кредитниот рејтинг и довербата на инвеститорите во Македонија, ќе порасне и туризмот а и оптимизмот на Македонците во поглед на нивната иднина. Се разбира, друг проблем е одливот на граѓани, што ние го искусивме, не само како членка на ЕУ, туку и пред тоа. Едноставно, луѓето одат кон подобар живот, и би рекла дека мобилноста е добра. На никого не треба да му се брани да го искористи правото на образование и работа во ЕУ или на друго место, но ние како политичари, како во Хрватска, така и во Македонија, мора да правиме можности тие млади да ни се враќаат, збогатени со едно ново искуство. Сепак, важно е и семејството, заедницата, татковината. И ако навистина им создадете услови, ќе се вратат – рече Грабар-Китаровиќ.
Напишете коментар