Изборот на Наумовски следува откако професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска во декември лани поднесе оставка од функцијата поради здравствени и лични причини
Со 63 гласа „за“, седум „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците на денешната седница го избраа Гоце Наумовски за нов уставен судија. По гласањето, Наумовски даде свечена изјава во Собранието, со која се обврза дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно и ќе ги почитува Уставот и законите.

Изборот на Наумовски следува откако професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска во декември минатата година поднесе оставка од функцијата уставна судијка поради здравствени и лични причини.
Инаку, Гоце Наумовски е редовен професор на катедрата по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје и е еден од надворешните соработници на премиерот Христијан Мицкоски од областа на правото. Тој е брат на ексвицепрeмиерот за евроинтеграции во една од претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, Васко Нуамовски.
Наумовски за уставен судија беше предложен од претседателот на собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата, Ѓорѓија Сајкоски, од ВМРО-ДПМНЕ, кој за него посочи дека има импресивна биографија и кредибилитет за уставен судија и ќе го штити уставот и интересите на граѓаните. Комисијата без дискусија и со мнозинство гласови го утврди професорот како предлог за уставен судија.
Опозицискиот СДСМ тогаш оцени дека предлогот Наумовски да биде уставен судија е кадровско решение од кабинетот на премиерот, обвинувајќи дека со тоа се потврдува намерата на власта да ги земе под целосна контрола судството и обвинителството. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека Наумовски не е член на партија, туку угледен професор, за разлика од последните два предлози на СДСМ за членови на Уставниот суд, кои, според владејачката партија, биле целосно партиски решенија.
