„360 степени“ ги доби извештаите од вонредните контроли во 30-тина клиники кои ги направи Фондот за здравствено осигуравање, откако се појавија кредибилни сомневања дека директорката на Клиниката за детски болести, Аспазија Софијанова, добивала пари за дежурства дура и кога била надвор од земјава. Повеќе детали од документите ќе објавиме во понеделник (26 декември 2022 година)
Министерот за здравство, Беким Сали, е запознаен со содржината на извештаите, но според одговорите при гостувањето во вечерашното издание на „360 степени“, малку е извесно дека ќе има санкции и за други директори на клиники
Откако ќе заврши вонредната контрола за почитувањето на колективните договори меѓу менаџерите на клиниките, ќе се продолжи со проверка со работењето и на сите други здравствени установи. Така изјави министерот за здравство, Беким Сали, кој вечерва беше гостин во „360 степени“. Иднините контроли нема да ги опфатат само раководните служби, туку и сите вработени во здравствените институции.
Но, додека да се случат најавените нови контроли, министерот Сали беше соочен со неколку прашања поврзани со резултатите од актуелните вонредни контроли низ клиниките, по скандалот со исплаќањето на дежурствата на Детската клиника. Во извештаите кои ги добивме со употреба на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на пример, има имиња на четири директори кои примале повисоки плати бидејќи основната плата им била пресметувана по повисок коефициент од оној предвиден во поединечните колективни договори.
360: Дали ова значи дека по логиката на Аљедин Мемеди од Детска клиника (кој беше разрешен поради земање плата со повисок коефициент н.з.), сега Вие треба да барате да заминат и овие директори?

„Во примената на колективниот договор економските директори, односно организациските директори не секогаш се економисти… Имено, доколку организацискиот директор е лекар и е универзитетски професор автоматски неговата плата се искачува на 8,4 без оглед дека е организациски директор во здравствена институција“,
изјави министерот за здравство, Беким Сали.
360: Тоа значи дека Фондот не ја направил контролата како што треба?
„Фондот ја направил контролата и покажал дека овој директор зема толку, овој олку, но доколку гледате во извештаите на Фондот за здравствено осигурување нема правни упатства како треба да се дејствува понатака туку тие пишуваат само за нивните забелешки што ги имаат во применувањето на колективниот договор. Кај организациските директори и медицинските директори платата се прави врз основа на називот и работното искуство“,
изјави Беким Сали.
Додека е точно тврдењето на министерот дека извештаите не нудат и патоказ како да се постапува во наодите, во нив многу јасно е наведено дека еден медицински и уште тројца организациски директори земале поголеми плати од тоа што е предвидено во колективниот договор. Во еден случај, клиниката ја признала и веднаш ја коригирала грешката и сега основната плата на организицискиот директор се пресметува по коефициентот 6,379.
Кај други двајца директори, јасно пишува дека коефициентите не се во согласност со колективниот договор.

Освен повисоки плати, во дел од изештаите може да се најдат и не до крај отчетни исплати од дежурства, односно случаи во кои директор добил пари за дежурство во период кога или не требало да биде на работа или, пак, не бил евидентиран дека бил дежурен. Дури има и случај каде директор дежурал, но не бил исплатен за дежурството. Има и пример на директорка која е потпишана дека била на работа и дека била дежурна во период кога и бил одобрен годишен одмор или пак е запишана како дежурна во ден во кој била и на службен пат надвор од земјава.

„Можеби имало обиди за прикривање на евиденциите, но како што гледате, се што е запишано во извештаите на ФЗО тоа е правна основа за нас за да преземеме мерки во насока на подобрување на спроведувањето на колективниот договор. Ќе повторам уште еднаш, колективните договори не биле почитувани како што требало од моментот, зборувам за 2022 година, значи од моментот на измените во Законот за работни односи. Тоа е од крајот на 2021 година, што значи тогаш ние сме биле избрани како нова Влада и требаше да стартуваме со спроведување на Законот за работни односи. Таму има многу неправилности кои всушност и самите служби на клиниките, некаде можеби имало и тенденции, но во повеќето случаи сме имале случаи кога сектори кои работат во формирање на месечни плати и собирање евиденции за здравствените работници во јавните здравствени институции, неколку пати сум имал барања за професионална поддршка од нашите служби во Министерството за тоа како да се формира месечната плата за здравствените работници“
изјави Сали.
Една од неправилностите која ја има на речиси сите клиники е што ретко кој води евиденција за работното време на директорите, односно кога доаѓаат на работа, а кога си одат. Иако по закон не се изземени од евиденција, министерот Сали има разбирање за непочитувањето на оваа обврска бидејќи директорите често се движеле во рамките на Клиничкиот центар, а и често доаѓале на работа надвор од работното време.
„Така што можам на некој начин да кажам дека може да се толерира неевиденцијата на директорите затоа што знаеме дека тие се одговорни и за менаџерскиот дел на функционирање на клиниката, но и за делот на практичната работа со пациенти. Особено ако се има предвид тоа дека повеќето медицински директори се и универзитетски професори кои имаат обврски и на Медицинскиот факултет и други обврски освен директорската“
кажа Сали.
Што се однесува до случајот Софијанова, Сали потврди дека таа го вратила вишокот пари кој ѝ бил префрлен на име дежурства и потврди дека станува збор за сума од околу 14 000 евра (колку што пишува во Извештајот по вонредната контрола на Клиниката за детски болести). Враќањето на парите не влијаело на конечната одлука, бидејќи грешката на Софијанова се повторила повеќепати.
„Треба да кажам дека вакви контроли во јавните здравствени установи се случуваат за првпат по 30 години. Тоа беше изненадување за сите директори дека се прави нешто што континуирано ќе се следи. Ние претходно ги известуваме за неправилностите што ги гледаме и за посетите кои се направени ден претходно и ги информираме дека Министерството за здравство сега функционира малку поинаку од праксата која била досега“,
изјави Беким Сали, министер за здравство.