Зголемениот број на заразени со корона вирусот во гостиварскиот регион ја принуди управата на болницата „Ферид Мурад“ да ги зголеми капацитетите за сместување на болни од ковид-19 на одделот за неврологија. На располагање ќе бидат ставени и дваесетина здравствени работници и дваесет болнички кревети.
Во соопштението од болницата пишува дека вчера директорот на болницата и координативната група одлучиле одделот за неврологија да се пренамени во ковид-центар поради алармантната состојба со нови случаи со ковид-19.
Ковид-пациенти во Гостивар освен на инфективното одделение, од мината недела почнаа да се хоспитализираат и во дел од интерното одделение.
Од раководството на болницата апелираа да не се прават посети и да се почитува медицинскиот персонал.
„Апелираме да се избегнуваат посети на хоспитализираните пациенти. За специјалистички-консултативни прегледи, прво да се посети матичниот лекар и само за итни случаи да се бараат болнички услуги. Почитувајте го медицинскиот персонал кој дава се од себе и се бори во моментот со невидлив непријател. Само на овој начин можеме прво да се заштитиме себеси, нашето семејство, роднините и општеството“,
пишува во соопштението.
Вчера во Гостивар беше регистрирана висока бројка од 94 новозаразени со ковид-19, со што бројот на активни случаи во моментов изнесува 896.