Во „заробената држава“, во „хибридниот систем’’, со корупцијата во фаза на крадење со булдожери, некој постојано контролира кој ќе добие можност. Во таквата стварност, не е можна функционална пазарна економија, зборува Гошев во интервјуто посветено на 30 години независност
Изминатите триесет години ќе бидат запаметени по невидените дострели на корупцијата, оценува во интервју за „Дојче веле“ (ДВ) по повод 30 години од независноста, Петар Гошев, кој е поранешен министер за финансии, гувернер на Народната банка и важи за сведок на најзначајните политички настани пред, и по создавањето на независна македонска држава
Зборувајќи за тоа што ги одбележа изминатите три децении, Гошев ги истакнува дострелите на корупцијата, кои ги опишува на следниот начин:
„Растот на интензитетот на корупцијата може да се опише вака: на почетокот се крадеше со лажиче (иако ова повеќе важи за социјалистичкиот период), потоа започна да се краде со лопати, за да се стигне до крадење со булдожери. Откако се случи големиот грабеж со приватизацијата на општествениот капитал и експресното создавање екстремно богати капиталисти, во екстремно сиромашна земја во европски рамки, новопечените политички лидери направија сојуз со експресните капиталисти: првите, преку планови за крадење од јавните пари смислувани од вторите, по секоја цена сакаа да го досегнат статусот на вторите – експресно збогатените од периодот на приватизацијата. Потоа, се разбира, мрежата се ширеше и хоризонтално и вертикално. Според концептот за менување на перцепцијата, не на стварноста, триесет години се ветуваше закон за испитување на потеклото на имотот, па дури и самите крадци предлагаа закони за легализација на украденото, ако сами пријавеле и ако десетина проценти од тоа ѝ дале на државата. Ќе ги врателе парите од странските сметки и така ќе се развиела економијата, ќе се решела сиромаштијата. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ триесет години ја реализираат таа идеја, особено пред секои избори. Ете и деновиве, политичкиот комесар за борба против корупцијата, вицепремиерот Николовски, пред овие избори повторно се бави со тоа прашање. А да се погледне самиот и да се сврти околу себе, можеби ќе добие некоја друга идеја?“.
На прашањето дали изградивме систем во кој секој може да добие можност за рамноправни услови со другите, Гошев вели дека во „заробената држава“, во „хибридниот систем“, со корупцијата во фаза на крадење со булдожери, некој постојано контролира кој ќе добие можност. Во таква стварност, вели тој, не е можна функционална пазарна економија.
„Нема правна сигурност, нема амбиент за долгорочно планирање. Не постои конкурс објавен од државата, а да не е наместен. Не постои тендер без однапред да е договорен со сите детали со клиентите на власта – стари, или нови. Перцепцијата е важна, нели. Од таквото општество, базирано на лавовска борба за менување на перцепцијата, наместо на грдата стварност, во изминатите триесет години заминале од земјата најмалку четвртина од населението – според меѓународни извори на податоци, според нашиот ДЗС и другите институции, непознат број, зашто бројот на вкупното население според домашниве, независно каква е и колкава природната стапка на раст, предолго стои на нешто од над два милиони жители“,
вели Гошев.
Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.