Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска соопшти дека поскапуваат бензините и дизелот за 1,50 денари по литар
По денешните најави за поскапување на цените на горивата, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека ќе ја следат состојбата, но оти не можат да имаат никакво влијание, бидејќи тие се берзански производ.
Сепак, додаде дека засега цените на горивата не се премногу високи.

„Горивата се берзански производ на кој не можеме да имаме никакво влијание. Ќе следиме што ќе се случува. Сме имале години кога сме имале и многу високи цени, да се вратиме наназад да ги видиме. Сега немаме некоја премногу висока цена на горивото, меѓутоа ќе видиме што ќе се еслучува на берзанските производи“,
рече таа по состанокот со постојната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија.
Според министерката, Владата не може да има влијание на оваа состојба, оти се работи за цени што се формираат на светските берзи.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска соопшти дека поскапуваат бензините и дизелот.
Малопродажните цени на Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98, како и на Еуродизел, од полноќ ќе се зголемат за 1,50 денари по литар.
Така, од полноќ новата цена на бензинот БС-95 ќе биде 76 денари за литар, бензинот БС-98 ќе се продава за 78 денари, а дизелот ќе чини 67,50 денари за литар.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, пред два дена рече дека војната помеѓу Израел и Иран ќе влијае и врз цената на нафтата во Македонија.
По нападите на Израел врз Иран, Бислимоски посочи дека утрово цената на светските берзи на нафтата била зголемена за десетина долари.
Изрази надеж дека по пикот на цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот достигна 110 долари по барел.