Гори во пламен шумскиот појас на македонско-грчката граница, соопштија од Општина Гевгелија. Од таму велат дека попладнево, околу 13 часот, пожар избувнал во ридските предели крај автопатот на македонско-грчката граница. Пожарот е близу хотел „Фламинго“ и бензинската пумпа „Шимов“.


„Моментално, ТППЕ- Гевгелија со две возила и мобилизирани пожарникари, како и вработени од ЈПКД „Комуналец“ со едно возило и механизација се на терен и преземаат мерки за локализирање на истиот. Според информациите од ТППЕ- Гевгелија, пожарот зафаќа борова шума, а огнените јазици се шират кон грчката територија. Од страна на надлежните се информирани и грчките пожарникари. Засега не се познати причините за настанување на елементарната непогода“,
велат од општината.

Пожарот што попладнево избувна на потегот меѓу месноста Милци и Граничниот премин Богородица не ја загрозува сообраќајната фреквенција на граничниот премин која се одвива нормално и без прекин, соопштија од граничната дежурна служба.
Во попладневните часови состојбата со сообраќајната фреквенција е секогаш порелаксирана поради помалата гужва така што нема поголеми задржувања од петнасетина минути.
Од екипите на терен соопштуваат дека пожарот поради ветрот се движи кон границата со Грција поради што биле информирани и грчките пожарникари од противпожарната единица во Поликастро.