Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје уште еднаш ги повика своите сограѓани в недела масовно и референдумски да излезат на гласање за да ја завршат, како што кажа, работата уште во првиот круг бидејќи дополнителни 14 дена (до вториот круг на 2 ноември) ќе значат неисчистени улици, преполни контејнери и доцнење на автобусите
Нашиот град е уморен од хаос. Уморен е од сообраќаен метеж во кој губиме часови од животот, од загаден воздух што го дишат нашите деца, од преполни контејнери кои го грдат секое маало и од урбана анархија која ни го одзема јавниот простор. Време е да воведеме ред. Време е да го средуваме нашиот заеднички дом, темелно, плански и системски, порача кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на последниот ден од изборната кампања за локалните избори в недела.

Придружуван од кандидатите за советници, Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција рече дека оваа кампања не била политичка трка за него, туку, како што кажа, отворен и искрен разговор со граѓаните на Скопје во кој ја споделиле нивната визија за иднината.
Заблагодарувајќи се за секој совет и за секоја критика, Ѓорѓиевски ги повика своите сограѓани да се обединат околу Скопје бидејќи, како што кажа, овој град е единствениот нивен дом.
За изборната кампања, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје рече дека ја воделе искрено, без празни ветувања, туку со докази.
Во тој контекст, Ѓорѓиевски се повика на неговиот четиригодишен мандат како градоначалник на Кисела Вода, која, рече, од една заборавена општина станала пример за работа.
„Тоа е мојата гаранција дека може да се работи чесно, посветено и одговорно. Тоа е моделот што ќе го примениме за целото Скопје. Зад мене не стои само мојата партија. Зад мене стои тим од врвни експерти, професори, архитекти, уметници, но и обични, чесни луѓе кои го живеат и дишат овој град. Тим во кој има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби и други. Тим во кој има луѓе со различни политички и идеолошки убедувања, но со една единствена заедничка љубов, љубовта кон Скопје“,
рече Ѓорѓиевски.
Осврнувајќи се на дел од клучните проекти што ги најави во текот на изборната кампања, Ѓорѓиевски рече има јасен план како да го направи Скопје убаво место за живеење.
„Ќе спроведеме темелна реформа на јавните претпријатија за конечно да станат сервисни, во служба на граѓаните. Ќе воведеме ред во урбанизмот со враќање на стручноста, со градски архитект и совет за урбан развој. Ова не е само борба за поубави улици или почисти паркови. Ова е борба за иднината. Борба за подобро место за живот за нашите деца. Сакам да создадеме град од кој тие нема да сакаат да си заминат. Град кој ќе им нуди чист воздух, безбедни игралишта, квалитетно образование, и најважно од сè, надеж и перспектива“,
рече тој.
Ѓорѓиевски ги повика жители на Скопје да му ја дадат поддршката за да ја спроведе својата визија за главниот град, ветувајќи дека ќе биде градоначалник на сите скопјани.
„Не градоначалник кој седи во канцеларија, туку човек кој ќе работи, ќе слуша и ќе обединува. Човек кој ќе биде на терен, меѓу вас, решавајќи ги проблемите таму каде што настануваат. Ајде заедно да го вратиме сјајот на нашето Скопје“,
порача Ѓорѓиевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека искрено се чувствува победнички на два дена пред изборите и оти верува дека така се чувствува и целиот негов тим.
„Верувам во силна поддршка од нашиот народ, од нашите скопјани. Скопјани се мудри луѓе да препознаат, но се чувствувам подготвен и за многу работа“,
рече кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.

Прашан која е неговата порака до противкандидатите, Ѓорѓиевски кажа оти е отворен за соработка и дека секоја добра идеја и добар предлог, кој не е содржан во неговата програма, ќе биде прифатен и применет во наредните четири години, во кои, како што рече, тој ќе го води градот.
Тој уште еднаш ги повика своите сограѓани в недела масовно и референдумски да излезат на гласање за да ја завршат, како што кажа, работата уште во првиот круг.
„Дополнителни 14 дена ќе значат продолжување на голготата што ја имаме со години наназад, ќе значат неисчистени улици, преполни контејнери, ќе значат доцнење на автобусите. Доаѓа зима. Ние мора да се подготвиме за зимата. Затоа го повикувам нашиот народ в недела да ја завршиме работата во првиот круг и тоа не само во Градот Скопје, туку и во сите скопски општини“,
рече Ѓорѓиевски.