„Со оваа интервенција ќе се обнови целиот речен појас, ќе се уреди со пешачки и велосипедски патеки, автохтона вегетација и јавни содржини. Серава ќе стане чиста, безбедна и достапна зона што ќе го подобри квалитетот на живот на жителите на Бутел и на целиот град“, изјави денеска кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје
Изградба на нов кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, ветува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска претстави дел од својата програма за локалните избори во општина Бутел.

Ѓорѓиевски, придружуван од актуелниот градоначалник на општината, кој повторно ја доби довербата на матичната партија да се кандидира за втор мандат, Дарко Костадиновски, на прес-конференцијата рече дека изградбата на кружниот тек значително ќе ја подобри безбедноста во сообраќајот во овој дел од главниот град, бидејќи станува збор за една од најфреквентните сообраќајници во Бутел. Улицата „Александар Урдаревски“ е сообраќаен правец што секојдневно го користат илјадници граѓани, особено поради близината до градските гробишта, рече Ѓорѓиевски.
Покрај кружниот тек, тој најави и целосна реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“, со нов асфалт, подобрена дренажа, пешачки патеки и современо улично осветлување.
Во рамките на овој проект, Ѓорѓиевски посочи дека пред почетокот на работите ќе се постави атмосферска канализација, со што, како што кажа, ќе се реши долгогодишниот проблем со поплавите што се случуваат на овој потег при поројни дождови.
Од проектите кои се однесуваат на подобрување на сообраќајната инфраструктура, тој најави и поврзување на улицата „Бутелска“ со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, во близина на обиколницата. Со ова решение, како што кажа тој, ќе се елиминираат постојните гужви и ризици од несреќи и ќе се обезбеди нов, безбеден и уреден влез и излез од Бутел.
„Посебно внимание посветуваме и на стратегиските правци, меѓу кои е и реконструкцијата на стар Качанички пат кај Визбегово, проект од огромно значење не само за Општина Бутел, туку и за Општина Чучер Сандево. Со негова реализација директно се поддржува развојот на Економската зона Визбегово, што ќе придонесе за нови работни места, подобра логистика и економски раст на целиот регион“,
додаде Ѓорѓиевски.
Во план, како што кажа, е и изградба на нов мегапарк вдолж булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, изградба на третата лента на булеварот „Цветан Димов“ во Општина Чаир и изградба на булеварот „Хрватска“ во Општина Гази Баба.
Меѓу најзначајните и долгорочни проекти ја издвои рекултивизацијата на реката Серава и воспоставувањето зелени коридори по нејзината должина.
„Со оваа интервенција ќе се обнови целиот речен појас, ќе се уреди со пешачки и велосипедски патеки, автохтона вегетација и јавни содржини. Серава ќе стане чиста, безбедна и достапна зона што ќе го подобри квалитетот на живот на жителите на Бутел и на целиот град“,
кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, од своја страна, потсети на реализираните проекти, меѓу кои мегапаркот во Радишани, плоштадот во Бутел 1, детски градинки, училиште, спортски терени, детски игралишта и информира дека е распишан тендерот за поликлиника во Бутел, како и дека Љубанци и Љуботен ќе бидат приклучени на градскиот систем за снабдување со вода.

Доколку повторно ја добие довербата на жителите на општина Бутел, Костовски најави изградба на затворени базени, дом на култура, три нови детски градинки, две нови училишта во Љубанци и Љуботен и 150 нови улици.