Кандидатите за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ во дебата на Канал 5 телевизија ја коментираа состојбата со нечистотијата во градот

Кандидатот за градоначалник на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски вечерва потенцираше дека ветувањето за чисто Скопје во рок од 72 часа е реално и остварливо. Тој ги повика граѓаните во недела масовно да излезат на гласање и да го дадат својот гласа за него, бидејќи како што кажа, на Скопје веќе не му се потребни експерименти туку работа.
„Јас стојам зад тоа што сум го ветил, дека градот може за 72 часа да биде чист, убеден сум дека 117 камиони има, а само 17 се исправни, 46 има метлачки и камиони за перење на улици, а само 6 се исправни, имам добар план и визија како ќе го направам тоа“,
рече Ѓорѓиевски во дебатата со кандидатот за градоначалник на Левица Амар Мециновиќ.
Освен градските и општинските власти, Ѓорѓиевски рече дека и граѓаните и општествено одговорните компании ќе помогнат во овој процес.
„Одговорно тврдам со општествено одговорни компании со помош на нашите колеги не само во Скопје, туку и надвор од Скопје, добро ќе биде исчистен градот не само на микролокациите туку секаде, и конечно исто така после долги години за првпат ќе ги испереме улиците“,
рече Ѓорѓиевски.
Во однос на состојбата со јавната хигиена, Мециновиќ рече дека решението за чисто Скопје е политичка волја, а не префрлање вина врз граѓаните.
„Загадувања, муабети, домаќинства – доста е. Треба да се прекине да се посочува прстот кон домаќинствата, кон сиромашните“,
рече Мециновиќ.
Тој упати серија критики за актуелното управување со градот и за, како што рече, „кампањското чистење“ на Скопје.
