Одговарајќи на прашање од нејзиниот противкандидат дали ќе се повлече политички доколку нема втор круг на изборите, Шукова рече дека не размислува за такво нешто затоа што како потпретседател на СДСМ останува да ѝ помогне на партијата во нејзината консолидација
Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, верува дека ќе победи уште во првиот круг на изборите закажани за в недела, а ставот, како што вели, го темели на она што го има сработено во изминатите четири години како градоначалник на Општина Кисела Вода.

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, пак, која е и единствената жена кандидат за главниот град, Каја Шукова, вели дека ќе има втор круг на изборите.
„Убеден сум дека ќе ја добијам поддршката и очекувам победа во првиот круг земајќи предвид дека имам сериозно сработено зад себе изминатите четири години и имам сериозен кредибилитет да ја побарам поддршката од граѓаните. Искрен да бидам, очекувам победа уште во првиот круг“,
рече Ѓорѓиевски на првото телевизиско соочување со неговата противкандидатка од СДСМ, Каја Шукова, на телевизија Канал 5.
Тој нагласи дека ќе одлучува самостојно и оти нема да дозволи сугестии од никого.
„Приоритет секогаш ќе ми бидат граѓаните, како што тоа го правев во Кисела Вода изминативе четири години. Покажав дека единствениот интерес којшто го штитам е интересот на граѓаните. Тоа значи самостојно управување и преземање чекори кои ќе бидат единствено во полза на граѓаните. Мицкоски никогаш не ми сугерирал за одредена ситуација. Секогаш како премиер на Владата бил насочен да помогне за реализација на одредени проекти, но да ми сугерира, прво јас не сум таков карактер. Јас сум возрасен човек и никој не може да ми сугерира освен граѓаните“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој ја обвини противкандидатката на СДСМ, Каја Шукова, за водење црна кампања.
Шукова верува дека ќе има втор круг на изборите.

„Секако дека ќе има втор круг, тоа е проста математика. Јас секако ќе влезам во вториот круг“,
рече Шукова.
Таа, како што изјави, влегла во трката за градоначалник затоа што има сериозна кариера во областите што му се потребни на Скопје како делот за животната средина, комуналните дејности…
„Цел живот сум во животната средина и тоа не само на прашањата на животната средина и не само во креирањето на законите, туку и во имплементацијата на проектите. Го следев процесот на децентрализација сите овие години, знам кои се проблемите на локалните самоуправи и токму поради тоа и се одважив да се пријавам за оваа трка“,
рече Шукова.
Одговарајќи на прашање од нејзиниот противкандидат дали ќе се повлече политички доколку нема втор круг на изборите, Шукова рече дека не размислува за такво нешто затоа што како потпретседател на СДСМ останува да ѝ помогне на партијата во нејзината консолидација.
Шукова, исто така, посочи дека е во добри односи со поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, но дека немал потреба јавно да се вклучува.
„Апсолутно ми помогна во сето она што беше како визија за Скопје, каде тој застана и каде треба да продолжиме за сите проекти“,
посочи Шукова.