Градоначалникот нагласи дека само со целосно покривање на градот ќе им се овозможи комфорен транспорт на скопјани, што ќе ги мотивира помалку да ги користат сопствените автомобили
Тендерската постапка за системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје ќе започне во втората половина од оваа година, додека реализацијата на терен се очекува во 2027 година, рече скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Според Ѓорѓиевски, по тримесечна макотрпна работа конечно е одблокиран процесот со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а овој капитален проект, кој треба да го растовари сообраќајниот хаос, нема да остане само на првичните правци од Ѓорче Петров до Ново Лисиче бидејќи во моментов стручен тим работи на ревидирање на втората траса, со цел таа да ги опфати Радишани и Драчево. Градоначалникот нагласи дека само со целосно покривање на градот ќе им се овозможи комфорен транспорт на скопјани, што ќе ги мотивира помалку да ги користат сопствените автомобили.
„Ние ќе имаме доволно автобуси за да го покриеме цело Скопје. Затоа ни треба додавање на тие две траси. Едната е Радишани, едната е према Драчево, каде што на граѓаните ќе им овозможиме комфорен транспорт од точка А до точка Б и притоа што помалку да користат сопствени автомобили“,
рече тој.
Паралелно со БРТ системот, најавена е и обнова на руинираниот возен парк на ЈСП Скопје, оти Ѓорѓиевски очекува набавка на 100 нови автобуси со поддршка од Владата, на кои ќе се надоврзат уште најмалку 30 возила преку самиот БРТ проект. Во однос на секојдневните проблеми со доцнењето на автобусите и неточните возни редови, градоначалникот тврди дека се прави максимум со расположливите ресурси. Градоначалникот, информираше дека неодамна се поправени уште 30 автобуси кои стоеле во гаражите, со што вкупната бројка на возила на улиците достигнала околу 180.
„Најпрво имаше информација пред неколку дена во јавноста дека 150-тина автобуси биле секојдневно ставани во функција, уште 30 плус се поправени, а стоеа по гаражите изминатиов период. Значи околу 180 автобуси имаме како јавно сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје коишто се обраќаат на линиите низ градот“,
кажа Ѓорѓиевски.
Сепак, Ѓорѓиевски апелираше до граѓаните да пријавуваат евентуални аномалии до Градот и до ЈСП за навремено да се реагира, додавајќи дека вистинска слика за јавниот превоз ќе има дури откако ќе пристигнат новите возила.
