„Сообраќајницата ќе има шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две за јавен превоз и дополнителни пешачки патеки. Ова значи дека сообраќајот ќе се одвива непречено, а центарот на градот ќе се ослободи од гужвите“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска ја потпишал одлуката за јавна набавка за изградба на првата фаза од првата подземна сообраќајница во Скопје – булевар „Македонија“, на потегот од под „Лимак“ до влезот на Кисела Вода.

„По завршувањето на правната постапка, веднаш започнуваме со работа! Ова е проект што претставува вистински пресврт за централното градско подрачје, капитална инвестиција што ќе го растовари сообраќајниот метеж и ќе донесе нова динамика во срцето на градот. Потоа ќе следат следните фази за изградба на кружен тек кај ‘Нова Македонија’ и двата кружни тека на потегот кај булевар Кочо Рацин и улица Железничка, кои ќе овозможат побезбеден и побрз проток, со паметни и современи решенија согласно европските стандарди“,
напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под „Лимак“, како што посочува Ѓорѓиевски, Скопје ќе го добие своето прво подземно сообраќајно чудо.
„Сообраќајницата ќе има шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај, две за јавен превоз и дополнителни пешачки патеки. Ова значи дека сообраќајот ќе се одвива непречено, а центарот на градот ќе се ослободи од гужвите, станувајќи многу покомфорен, побезбеден и поуреден простор за сите. Овој за мене е еден од најзначајните проекти – симбол на новото време за Скопје!“,
напиша градоначалникот на Скопје.
