Тој нагласи дека согласно постоечките законски регулативи, Владата нема можност да ги одземе ингеренциите на одреден градоначалник
Во рамки на измените на Законот за локална самоуправа се разгледува можноста за референдумско изјаснување на граѓаните за одземање на мандат на градоначалниците за да не се чека до завршување на мандатот ако не се задоволни од работењето на одреден градоначалник, изјави вечерва претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Во минатото имало една пракса која што значела референдумско изјаснување на граѓаните па подоцна било прекината во 2005 година. Го разгледуваме тоа како опција, но не исклучуваме и останати опции кои што ќе се разгледуваат. Овде не се работи за состојба во која што е засегнат Орце или останати поединци од нашата политичка партија локални функционери, туку се работи за промени во системот во кој што долгорочно ќе ги решава проблемите. Мораме да работиме на ваков механизам, вакво систематско решение кое што во перспектива од првиот ден кога некој ќе стане градоначалник и ќе му дадат граѓаните шанса, нема да чека да му помине мандатот и да ги користи бенефитите од сето тоа, а да не може народот да реагира, туку ќе имаме еден механизам одбранбен за граѓаните да можат да реагираат во такви околности“,
рече Ѓорѓиевски во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Тој нагласи дека согласно постоечките законски регулативи, Владата нема можност да ги одземе ингеренциите на одреден градоначалник.
„За да се одземаат ингеренциите, треба да има законска можност за истото. Се испостави дека согласно постоечките законски регулативи, нема можност Владата да реагира и да ги одземе ингеренциите и затоа сме во фаза каде што имаме посебно тело специјално за оваа работа што работи на одредени измени, односно интервенција во Законот за локална самоуправа каде што овие аномалии во системот од минатото ќе бидат отстранети. Тука не се работи само за промени поврзани со одземањето на ингеренциите“,
рече претседателот на ЗЕЛС.
Ѓорѓиевски повтори дека има амбиција на наредните локални избори да се кандидира за градоначалник на Градот Скопје, но потенцира дека за тоа допрва ќе треба да одлучи неговата политичка партија.
„Јас кажав дека ја имам таа амбиција и се уште ја имам. Изминатите три години покажав како е да работите и да организирате општина како Кисела Вода која во минатото беше на маргините со долг наследен од над 3,5 милиони евра на сметката. Покажавме како се работи систематски и се решаваат проблемите на граѓаните, проблеми кои што биле напластени години наназад. Верувам дека мојата политичка партија ќе спроведе низа анкети во наредниот период. Јас длабоко верувам во граѓаните на Скопје, мојот народ и убеден сум дека би добил поддршка за тоа“,
рече Ѓорѓиевски.