Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече оти културната стратегија за Скопје ќе се темели на три концепти – ревитализација на јавните простори, развој на културната инфраструктура и системска поддршка на културниот развој
„Скопје – град на слоеви, град на култра“ е еден од седумте клучни столбови од мојата изборна програма, рече денеска кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, на прес-конференција. Со овој концепт, вели тој, се предлага нов пристап во развојот на културната политика на градот, како и во третманот на културното наследство со кое располага главниот град Скопје.

„Скопје е град што има историја, карактер и душа. Град што многу пати бил погоден, но секогаш успевал да се издигне, да се обнови и да продолжи напред. И секогаш, токму културата била таа што го чувала неговиот дух. Денес кога зборуваме за иднината на Скопје, не зборуваме само за улици и инфраструктура, туку за тоа каков град сакаме да изградиме – град што се развива, но не ја губи својата душа“,
изјави тој.
Ѓорѓиевски кажа и оти неговата стратегија за културата во Скопје ќе се темели на три концепти, и тоа на ревитализација на јавните простори, развој на културната инфраструктура и системска поддршка на културниот развој. Како што кажа, културното наследство на Скопје, како Аквадуктот, Калето, Старата чаршија и археолошкиот локалитет Скупи, со години се запоставени и затоа е потребно да се вратат во живот.
„Аквадуктот ќе го претвориме во современ културен парк – со сцени за концерти, настани и фестивали, со уредени зелени површини и пешачки патеки. Ќе го изградиме и најдолгиот ѕид за мурали во Југоисточна Европа, како симбол на современата уметност и младинската енергија. Од запуштено место, Аквадуктот ќе стане новата визит-карта на урбаната култура во Скопје“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој најави дека археолошкиот локалитет Скупи ќе биде целосно отворен и уреден, а просторот ќе се користи за театарски претстави, артистички резиденции и фестивали, со цел да стане активен дел од културниот живот на градот. За Старата скопска чаршија, планот е да се уредува со посебен акцент на зачувување на автентичноста, унифициран изглед на тендите и унапредување на урбаното функционирање.
„Историските објекти ќе се интегрираат во секојдневниот урбан живот, како јавна уметност, културни центри, уметнички работилници и пазари, создавајќи жив историски кварт кој ќе привлекува и странски и домашни посетители“,
рече тој.
Кандидатот за градоначалникм на Град Скопје најави реконструкција и повторно отворање на киното „Милениум“, унапредување на работата на Младинскиот културен центар, Музејот на град Скопје, Културно-информативниот центар и другите институции кои се под надлежност на Градот.