Екипите на јавните претпријатија работат координирано, при што паралелно се расчистуваат пешачките и велосипедските патеки долж кејот, вели Ѓорѓиевски
Во тек е широка и координирана акција за темелно чистење на коритото на реката Вардар, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Преку објава на социјалните мрежи, тој вели дека екипите на јавните претпријатија работат координирано, при што паралелно се расчистуваат пешачките и велосипедските патеки долж кејот.
„Сè она што со години беше занемарено и што создаваше слика недолична за нашиот град, конечно заминува во минатото. Ова нема да биде еднократна активност, туку трајна практика која ја започнавме од моето стапување на функцијата градоначалник. Кејот се одржува и чисти секојдневно, затоа што скопјани, но и сите гости на нашиот град, заслужуваат убава, уредена и чиста метропола. Упатувам апел до сите граѓани одговорно да се однесуваме кон нашата животна средина. Реките, парковите и јавните простори се заеднички дом на сите нас и нивната чистота и убавина зависат од секој поединец. Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува на градот што го обединува“,
порача Ѓорѓиевски.

